Денес се одбележува Задушница во чест на душите на мртвите
Православните христијани денес ја одбележуваат Задушница во чест на душите на мртвите.
На Задушница се сеќаваме на блиските лица кои се починати, ги посетуваме нивните гробови и палиме свеќи за покој на душата. Тоа е ден посветен на молитивите за покојните роднини и пријатели.
На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
На Задушница во црквите се служи парастос на кој свештеникот со вино прелива пченица, а после службата се оди на гробовите на блиските, каде се пали свеќа и се чита молтива.
Се верува дека свеќата запалена на овој ден гори се до следната Задушница. Исто така постои верување дека ако на Задушница не се запали свеќа, мртвите една година ќе бидат во мрак.
Според верувањата на Задушница не се работи, чисти и пере, не се работи ништо со волна, а не треба да се користат ниту ножици и игли. Овој ден се посветува на мртвите, а не на живите.