ВМРО-ДПМНЕ: Ребалансот на буџетот само ги покажува безидејните политики на власта на СДСМ и ДУИ кои носат економска катастрофа
Како што буџетот за 2022 не беше развоен и не обезбедуваше подобар стандард на граѓаните, така и презентираниот ребаланс нема да ги промени економските состојби. Напротив ќе продолжи економскиот хаос и пропаѓање. Ребалансот на буџетот само ги покажува безидејните политики на власта на СДСМ и ДУИ, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на Фатмир Бесими.
Од партијата велат дека кратењето на капиталните инвестиции докажува дека оваа власт нема ниту план ниту визија како Македонија да излезе од економската криза, за која самата е одговорна.
– Ако на ова се надоврзе лошата реализација, тогаш доаѓаме до заклучок дека нема да има речиси никаква активност на владата на овој план, што е клучен за економијата. Ребалансот на буџетот покажува дека оваа влада во услови на криза предвидела стотици милиони евра непродуктивни трошоци, од кои само дел се кратат. Тие стотици милиони евра требаше да бидат искористени од самиот почеток на годината за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на економијата. Со тоа ќе се спречеа последиците на кризата, за која и самите говореа дека занеле дека ќе дојде уште од минатата есен. Сега наместо да се превенира, ќе се потрошат двојно повеќе средства за да делумно се санираат негативните ефекти, се вели во партиската реакција.
ВМРО-ДПМНЕ посочи дека јавноста веќе се изнаслуша години наназад дека владата креира акциски планови, инвестиции, мерки и програми, а резултатот од тоа е економска катастрофа.
– Македонија има најмал раст на БДП, Македонија е најсиромашна држава во Европа, Македонија има една од највисоките стапки на инфлација, Македонија има над 35% од населението во ризик од сиромаштија и редица други поразителни економски резултати, се додава во реакцијата на партијата.