Мицевски до владејачкото мнозинство: Активната блокада е излез од националната катастрофа која што вие ја приредувате во нашата држава
„Денешната пленарна седница е закажана за 11 часот, сега е 12:40 часот, а согласно членот 84 став 1 вели – „Седницата на Собранието почнува со работа на закажаниот термин со присутните пратеници“. Тоа значи дека еден час и 40 минути време потребно за дискусија за која што молите и држите прес конференции и повикувате вие и претседателот на Владата, и пратениците го злоупотребувате и не почнавме на време. Па вас почитувани колеги пратеници од власта не ви треба активна блокада, вие самите се блокирате“, нагласи Никола Мицевски, координатор на пратеничка група предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ на денешната пленарна седница.
Мицевски додаде дека два часа од денешната седница се потрошија чекајќи ги пратениците од власт да се соберат.
„Доцниме два часа од почетокот на седницата, на која што цела недела убедувате дека пратениците треба да присуствуваат, дека не е потребна блокада. Па, вие сте блокадата на државата. Вие сте тие што го кочите работењето на овој парламентарен дом“, истакна Мицевски.
Мицевски од собраниската говорница посочи дека активната блокада која што ја имаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е за спас од национална катастрофа.
„Повикуваме на избори кои што ќе се излез од оваа криза која што вие ја продуцирате. Ова е она што граѓаните односно народот во државата го бара. Активна блокада за спас од национална катастрофа! Активна блокада за спас од понижувањето кое што го правите! Активна блокада за спас од лицемерието кое што го покажувате секојдневно на граѓаните! Активна блокада за спас на економијата! Активна блокада за спас на енергетиката! Активна блокада за спас на земјоделците! Активна блокада за спас на сите граѓани! Национална катастрофа сте вие, ова што се случува во државата е национална катастрофа“, порача Мицевски.
Мицевски укажа дека пратениците од владејачкото мнозинство нека започнат да си доаѓаат на време на седниците.
„Ние ќе бидеме активно присутни тука, ќе бидеме присутни за сите штетни политики кои што планирате да ги спроведете за да ги спречиме. Затоа што граѓаните и Македонија го бараат тоа. Активната блокада е излез од националната катастрофа која што вие ја приредувате во нашата држава“, нагласи Мицевски.