Петкова: Власта не нуди швајцарски модел, туку е само враќање на моделот на пресметка за покачување на пензиите кој самите го укинаа во 2018 година
СДСМ и ДУИ по три и пол години грабеж на пензионерите, конечно ја признаа грешката.
Тоа што владата на СДСМ го укина во 2018 година тогаш најавувајќи го како „голема социјална реформа“, сега повторно го враќа, но овој пат со помодерно име односно како некаков „швајцарски модел“.
Ова не е ниту швајцарски модел, ниту пак швајцарски закон за зголемување на пензиите, туку е само враќање на моделот на пресметка за покачување на пензиите кој самите го укинаа во 2018 година, а беше воведен од страна на ВМРО-ДПМНЕ уште во 2012 година.
Три и пол години ги лажат и крадат пензионерите, а сега повторно се фалат дека ги зголемуваат пензиите за 1000 денари во наредните три месеци. За три и пол години украдоа илјадници денари на пензионерите, а сега без срам повторно се фалат со нешто што тие го укинаа. Срамно и лицемерно.
Од друга страна, во услови кога инфлацијата забрзано расте и секојдневно растат цените на основните производи за живот, СДСМ повторно ги потценува пензионерите и ги убедува дека 1000 денари се доволни за справување со последиците од нивната погубна економска и социјална политика.
Почитувани,
Овие 1000 денари однапред се потрошени бидејќи во изминатиов период цената на млекото е покачена за 22%, цената на брашното за 38%, на зејтинот за 46%, струјата за над 30%, а горивата за рекордни над 70%. Ова се факти и бројки и тие никогаш не лажат. Затоа на сите ни е јасно дека ова таканаречено покачување на пензиите е само замајување на јавноста и мачкање очи на пензионерите. Ништо повеќе.
Но апсурдот и лицемерието на СДСМ не застануваат тука.
Лажната грижа на Владата за пензионерите се докажува со уште еден пример, а тоа е кратењето на посмртнината од 30 000 денари на 25 000 денари. Тоа се 5 000 денари помалку за секое семејство. Дополнително, од 140 на 150 денари се зголемува и месечната задршка која што секој пензионер месечно од својата пензија ја издвојува за солидариот фонд.
Значи СДСМ на секое поле намалува онаму каде што треба да зголемува, а зголемува онаму каде што треба да намалува. Класична и добропозната обратна економска и социјална политика. Земи од граѓаните, за да ги покриеш дупките од сопствениот криминал.
Таа е матрицата на СДСМ и никогаш нема да се промени.
На крајот, како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата апелираме до СДСМ и владејачкото мнозинство да престанат да ги лажат и крадат пензионерите, бидејќи тие многу добро знаат и паметат во чие време и чија политика носеше вистински поголеми пензии и подобар животен стандард, а во чие време има само потценување и поигрување со достоинството на македонскиот пензионер.