Илиевска: Неопходна е вистинска помош од државата за бизнисите и за граѓаните, власта предложи несоодветни, комплицирани и стари мерки
Македонската економија секојдневно се соочува со проблеми предизвикани од големото зголемување на цените на горивата, на електричната енергија, што влијае на прехранбените продукти и се што ги зголемува трошоците на животот на граѓаните, што пак ја зголемува сиромаштијата.
Неопходна е вистинска помош од државата за бизнисите и за граѓаните.
Македонија е во постојана енергетска криза подолг период, за што веќе со месеци владата воведе и кризна состојба. Руската инвазија врз Украина само дополнително иницира нов бран на ценовни шокови.
Цените на примарните производи, храната, енергенсите и металите дополнително секојдневно растат.
Мерките на Владата, како замрзнување на цените и ограничување на трговските маржи, не дадоа доволно ефект кај стопанството и кај граѓаните во ваква ситуација, и затоа што не нудат целосен одговор на состојбата.
Тоа можеше да се види вчера, кога само по осум часа од објавување на мерките, бензините енормно поскапеа, и тоа второ драстично поскапување за два дена!
Со Предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати, за што ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог уште пред две недели, е едноставен и конкретен. Со него цената на бензинот би се намалила за цели 13 денари, а на дизелот за девет денари.
Наместо тоа, Владата даде комплицирана мерка, а резултатот го видовме веднаш потоа, огромен скок на цените на горивата.
Покрај ова, голем дел од мерките беа промовирани како нови, а истите претходно се дел од предлог закони кои се наоѓаат во собраниска процедура или веќе се донесени и се на сила.
Во ситуација кога стапката на инфлација во Македонија во февруари на годишно ниво достигна околу 8%, годинава во однос на февруари лани трошоците за живот се повисоки за 7,6 проценти, а цените на мало се повисоки за 8,6 проценти, се соочуваме со несигурност, неизвесност и страв од продлабочување на кризата.
Владата требаше да ги предвиди светските енергетски текови и да ја обезбеди државата навремено со енергенси и да ги оспособи македонските капацитети и државните резерви.
На граѓаните веќе одамна им е преку глава од празната реторика и лажната загриженост изразена преку префрлање на одговорност.
На граѓаните им е потребна конкретна поддршка и вистински решенија кои ќе го подобрат стандардот и квалитетот на животот сега и веднаш.