Жена со прострелна рана во главата пронајдена во скопско село: сопругот тврди дека се самоубила со неговиот пиштол, откако имале расправија

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и екипи на СВР Скопје извршиле увид во скопското село Копаница, каде била пронајдена почината 37-годишната Х.Р.Ј. од Косово, со прострелна рана во главата.

Според информациите од МВР, полицијата постапувала по претходна пријава, а покрај телото бил пронајден пиштол „глог19“, сопственост на нејзиниот сопруг Д.Ј.(42) од Копаница, кој оружјето го поседувал без дозвола.

„Според исказот на Д.Ј., истиот ден околу 10:00 часот, во семејниот дом настанала расправија меѓу него и неговата сопруга Х.Р.Ј., по што, според негово кажување, таа извршила самоубиство“, велат од МВР.

Од Обвинителството соопштија дека телото е дадено на обдукција, а се преземаат и дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.

„По наредба на јавниот обвинител телото на починатата е дадено на обдукција, а се преземаат и други мерки и активности за целосно расчистување на случајот“, велат од ОЈО Скопје.

За оружјето, против сопругот е поведена истражна постапка за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“.

„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот и притворската мерка е прифатена од Судот“, соопштија од обвинителството.

СВР Скопје и ОЈО Скопје продолжуваат со постапување за утврдување на сите околности поврзани со случајот.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK