Судијката ги искара родителите, а адвокатката на Деко побара исклучување на јавноста ако уште еднаш се наруши редот

Транспарентот на кој адвокатката Ивана Коцевска викендов беше прикажана од родителите на починатите деца во „Пулс“ како носи актовки со пари и на влез од пеколот ѓаволот ѝ вели дека пари за во светот на покојниците не ѝ требаат, беа причина денес пред почетокот на сослушување на сведоците, судијката Диана Груевска Илиевска да ги опомене присутните дека нема да толерира инциденти во судница. Таа застана во одбрана на адвокатката Коцевска и посочи дека обвинетите и по Уставот и по законот мора да имаат свои бранители и дека адвокатите што ги бранат си ја работат работата.

„Знам дека ви е тешко, но нема да дозволиме ниту еден инцидент. Овде пречите, а ние не можеме да работиме, сите што сме овде мора да сме тука и секој мора да има бранител по Устав и по Закон. Како што вие на работа ги вршите своите работни задачи, така и тие овде си ја вршат својата работа. Утре ако на вас ви треба адвокат, вие нив ќе ги повикате. Сите имаме презумција на невиност и сите сме невини сѐ додека не се донесе осудителна пресуда. Јас судев и друг голем предмет, го судев и ‘Дурмо турс’, а и таму имаше исто жртви. Не верувам дека болката на тие родители е помала од вашата, а тие не направија ниту еден инциндент. Ќе ве замолам да внимавате на вашето однесување“, им рече судијката Груевска Илиевска на присутните родители.

Адвокатката Ивана Коцевска побара од судот да ги отстрани родителите доколку повторно ги нарушат редот и мирот во судницата.

„Се надевам дека тоа што до сега се дозволуваше во оваа судница ќе престане. За да една постапка непречено треба да се води, мора да има ред. Мојот предлог е на следното нарушување на редот во судницата, судот да ја исклучи јавноста. Ние мораме да бидеме овде, тие не мораат“, рече адвокатката Груевска Илиевска.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.

Судењето е во тек во судницата близу затворот во Идризово со сослушување на сведоци.

Comments are closed.

ZBOR.COM.MK