Стоилковиќ до Хасани: За каква еднаквост зборувате, во Министерството 97 проценти се вработени Албанци?!
Заменик-претседателот во Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ одговарајќи на пратеничко прашање поставено од страна на пратеникот Илир Хасани од Европскиот фронт, на собраниската седница за пратенички прашања, порача дека секој оној кој сака да спие на работа на експресен начин ќе биде испратен дома. Хасани во прашањето до Стоилковиќ обвини и дека освен скандалот со бркањето на работните фатени на спиење, во Министерството за односи меѓу заедниците не се почитувала еднаквоста и правичната застапеност и дека со тоа се правела штета на државата и се гасела перспективата на нашите млади.
„За каква еднаквост зборувате и се повикувате на тоа дека Министерството се грижело за истата, кога ќе кажете такво нешто а не го поткрепите со аргументи тогаш работите стануваат сосема поинакви. Значи, станува збор за Министерство со систематизација од 2550 вработени каде што речиси 97 проценти се Албанци, за каква еднаквост тука зборувате, каде се тука припадниците на помалите етнички заедници кои, исто така, се споменати во Рамковниот договор и за нив, исто така, важи принципот за соодветна и правична застапеност. Претпоставувам ниту вие, а ниту оние кои го раководеле Министерството немаат одговор на ова прашање затоа што ова не го спроведувале“, рече во одговорот Стоилковиќ и додаде дека е благодарен што го добил ова прашање затоа што и за време на минатите пратенички прашања чекал некој да се охрабри да го постави истото за конечно да се отворат картите.
„После промената на власта г. Кирил Божиновски кој беше генерален секретар на Владата доби кривична пријава и седум години е по судниците токму заради вакво нешто, затоа што добар дел од примените работници не оделе на работа, а примале личен доход. Доколку вие сметате дека треба да продолжам по тој пат, да добијам кривична пријава за време или дури и по мојот мандат, и дека треба да се плеткам по судови мислам дека сте нашле погрешен човек. Мислам дека работите не се такви како што ги кажувате, напротив тој што прима плата мора да доаѓа на работа. Моето главно политичко кредо кога дојдов во Минитстерство беше – ништо, ама баш ништо да не биде по системот “како до сега”, и мислам дека тоа го спроведувам. Доколку постои одговорност за тоа одлучува премиерот, одлучуваат граѓаните на избори“, истакна Стоилковиќ.
Вториот дел од прашањето на Хасани, што како што рече, според него било поалармантно и на што сакал да укаже било прашањето за српскиот свет, односно концептот за српскиот свет што негативно влијаел врз регионалната стабилност и стратегијата на земјата.
„Зборувате за врските со Белград и Москва и тоа не е ништо спорно. Во Москва ќе ве потсетам живее мојата ќерка, а ако добро се сеќавам вашиот министер беше многу добар пријател со Лавров затоа заборавете на инсинуациите. За Белград, пак, ќе ве потсетам дека македонската земја и македонската јавност на еден од најголемите христијански празници Божиќ ги честевте со Тиранската платформа. Па каде одевте вие во Авганистан или во Тирана?! Каде да одам јас за комуникација во матичната држава или некаде на трето место. Мислам дека поставувате тези кои не само што не се издржани, туку во најмала рака се толку смешни што не можам да ви кажам како изгледаат од оваа страна“, одговори Стоилковиќ, уште додавајќи:
„Зборувате за албански кадри во Министерството, господине Хасани, мојата секретарка која ја затекнав кога дојдов е Албанка. Ниту еден од раководителите, ги има осуммина, не е поместен од место. Дисциплинска постапка е покрената само за еден бидејќи три пати по ред ми подметнува документи заради кои можам кривично да одговарам и е казнет само со 20 проценти од неговиот личен доход. Тоа ли е негативен однос кон Албанците во министерството? Од оние вработени кои веќе не работат или по различни основи се дислоцирани никој не се жалел на одлуките, не гледам зошто е забелешката како тоа зборувате дека некој е обесправен, а во судот не постои ниту еден предмет по тоа прашање. Зборувате за нечовечки услови, кога дојдоа управната и трудовата инспекција да проверат што се случило со петтемина вработени кои беа избркани од работа, тие рекоа дека истите имале подобри услови за работа од нив. Не знам од каде ви е трврдењето дека работат во нечовечки услови.
Сѐ во Министерството е во нормални услови, понекогаш можеби како и секаде да недостасува нешто, но никогаш немало некоректен и нечовечки однос или што било што би ги загрозило вработените. Единственото со што вработените се загрозени е што сега мораат да доаѓаат на работа, што не беше случај. Веќе нема седење дома, а да примате плата. Тоа веќе нема. Ако тоа се нечовечки услови и односи, во ред прифаќам, така е. Да завршам со она што можеби најмногу ве интересираше, а тоа е условно кажано донесувањето на решението за престанок на работен однос за овие пет вработени. Тоа е повеќе цивилизациски однос отколку одлука да се одмаздите некому. Цивилизациски однос сигурно не е да дојдете да спиете на работа. Не знам каде ви се аргументите, ако имате ќе ве сослушам, но наместо да го прифатите ова како приказна која треба да биде отрезнувачка и дека работите не се како до сега, вие се обидувате да ги вратите по системот како до сега. Не е возможно. Додека сум министер нема да дозволам да се спомене дека во Министерството некогаш се играло фудбал, а сега се спие. Тој што сака да спие на најбрз и најефикасен начин ќе биде пратен да спие дома.
Благодарам на прашањето, порача Стоилковиќ.
Comments are closed.