Честитки од Претседателката Сиљановска-Давкова и Премиерот Мицкоски по повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик
По повод 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик, претседателката Сиљановска-Давкова упати свечена честитка до припадниците на турската заедница и до наставниците кои ја реализираат наставата на турски јазик во земјава.
Почитувани припадници на турската заедница,
Почитувани наставници,
Имам особена чест, во име на сите граѓани и во лично име, најсрдечно да ви го честитам 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик.
Образованието на мајчин јазик е важно човеково право, суштинско за зачувување и за градење на националниот и културниот идентитет, но и за персоналниот развој и успех.
На македонската држава, јазичниот императив ѝ беше јасен уште пред 81 година, кога ја воспостави наставата на турски јазик во тукушто ослободеното Скопје. Од тогаш до денес, континуирано и ревносно се негува турскиот збор, збогатувајќи го македонскиот мултикултурен идентитет.
По повод важниот ден за сите нас, а особено за Турците, им изразувам голема благодарност на сите наставници и образовни работници коишто со својот труд, љубов, професионализам и посветеност, го шират знаењето на турски јазик и активно учествуваат во воспитувањето на мудри, благородни и хумани млади луѓе.
Посакувам да продолжиме да бидеме пример за заедништво во различноста и да се гордееме со нашата заедничка татковина!
Честит нека ни е 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик.
И Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.
Comments are closed.