Советот на Град Скопје изгласа иницијатива за дислокација на цементарницата „Усје“
Советот на Град Скопје едногласно ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“, поднесена од Зелен хуман град, по 13-часовна седница на која, како што соопштија од движењето, за првпат биле обединети сите политички групи во Советот околу ова прашање.
Со усвоените заклучоци, Град Скопје е задолжен да се обрати до Министерството за животна средина и просторно планирање со официјално барање да се испита работењето на Цементарница Усје и на сите големи индустриски загадувачи, како и дали целосно ги исполнуваат условите и обврските од дозволите за работа и важечката еколошка регулатива. Министерството треба во најкраток рок да го извести Градот за резултатите.
Истовремено, од Државниот инспекторат за животна средина се бара да спроведе серија ненајавени вонредни инспекциски надзори, со цел да се утврди фактичката состојба, почитувањето на еколошките стандарди и дозволените емисии, како и примената на мерките за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
Советот ја повикува Општина Кисела Вода, врз основа на наодите и мислењата од надлежните институции, да води особена сметка при изработката на деталните урбанистички планови, а истата обврска се однесува и на останатите општини во составот на Град Скопје и на самиот Град, со цел усогласен и одржлив пристап во просторното и урбанистичкото планирање.
Дополнително, градоначалникот на Град Скопје е задолжен да се обрати до Владата за да се разгледа можноста за започнување постапка за дислокација на „Усје“ и на другите големи индустриски загадувачи на соодветни локации надвор од скопската котлина, согласно Законот за животна средина и Просторниот план.
Comments are closed.