Убав ден за нов почеток – денеска е Архангел Гаврил
Според православниот календар, денеска се празнуваат Светиот Архангел Гаврил, Светиот свештеномаченик Иринеј, епископ Сремски, Преподобен Малх и Преподобен Василиј Нови.
Светиот Архангел Гаврил
Тој е благовесникот на воплотувањето на Синот Божји. Еден од големите седум ангели што претстојат пред престолот Божји. Му го јави на Захарија раѓањето на Св. Јован Предвесник и самиот за себе рече: „Јас сум Гаврил кој стојам пред Бога“ (Лука 1, 19). Неговото име, Гаврил, значи маж – Бог. Зборувајќи за Благовештение Светите отци толкуваат дека е испратен архангел со такво име што ќе означи кој и каков ќе биде Оној што ќе се роди од Пречистата Дева. Ќе биде значи Маж – Бог, крепок, силен Бог. Некои дознаа дека истиот тој Гаврил им го јави на Јоаким и Ана раѓањето на Дева Марија и дека тој го поучуваше Мојсеј во пустината како да ја напише книгата Битие. Светите отци мислат дека Гавриил му принадлежи на првиот и највисок чин на небесните сили, на серафимскиот, зашто серафимите стојат најблиску до Бога. Тој е значи еден од седумте серафими најблиски до Бога. Имињата на тие седуммина се: Михаил, Гаврил, Рафаил, Уриил, Селатиил, Јегудил, Варахиил. На овој број некои им го додаваат и Еремиил. Секој од нив има посебна служба, а сите тие се рамночесни. Зошто Бог не го испрати Михаил? Зашто неговата служба е да ги крши непријателите на Божјата вера. А службата на Гаврил е благовестење за човековото спасение.
За овој празник кај нас се поврзуваат бројни обичаи, а се верува дека на овој ден девојките не треба да се занимаваат со физичка работа, како шиење и плетење. Обично се вели дека денот на св. Архангел Гаврил е најдобар за нов почеток, а тој е светецот на кој му се молат паровите кои не можат да имаат деца, поради верувањето дека тој носи добра вест.
Тој важи и за заштитник од лошите временски услови и на луѓето и на добитокот.
Овој празник е целосно посветен на добрината и дарувањето, затоа верниците треба да се сеќаваат на своите ближни, но и на оние кои имаат помалку од нив.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.