Судијата Ферати не сторил прекршување на законот кога сам ги поправал оценките, вели Обвинителството
„По поднесено известување од Државниот просветен инспекторат, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет и ја прибави целокупната документација од досието на наведениот студент од Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово и од Академијата за судии и јавни обвинители ‘Павел Шатев’. Во прилог на досието беа доставени и материјални докази – барања, решенија и пријави за повторно полагање, како и доказ за добиени оценки за четири предмети со кои Факултетот потврдува дека во 2014 година студентот ги преполагал испитите и добил оценки со кои го зголемил својот просек над 8,00, по што се пријавил за кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители. Ваквата информација на 31.01.2024 година Државниот универзитет во Тетово ја доставил и до Државниот просветен инспекторат, како дополнување на списите врз основа на кои бил изготвен Записникот за извршен инспекциски надзор во јуни 2023 година. Имајќи ги предвид доставените документи, јавниот обвинител кој постапуваше во предметот на 10.03.2025 година донесе резолуција со која констатираше дека не се исполнети елементите врз основа на кои би можел да преземе кривичен прогон по службена должност“, велат од Обвинителството.
Судијата Ељведин Ферати, кој вчера му досуди казна од две години затвор на возачот Менсур Пајазити, кој смртно прегази 22-годишната Теодора Ристевска на пешачки премин во Тетово, е истиот судија кој на крајот на 2023 година беше фатен дека си ги пречкртувал и поправал сопствените оценки на Правниот факултет на Државниот тетовски универзитет (ДУТ), поради тоа што му бил потребен повисок просек.
Тој се пријавил на оглас за Академијата за судии и обвинители со лажна просечна оценка 8,20, а во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет имал просек 7,88.
Ова го откри Државниот просветен инспекторат во декември 2023 година, кога по налог на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), ја проверил документацијата на сите досегашни кандидати кои биле примени и дипломирале на Академијата за судии и јавни обвинители.
Државниот инспекторат потоа влезе на Тетовскиот универзитет, каде во Матичната книга на Катедрата по право, кај Ферати имало поправено три оценки со пречкртување.
Тој денес досуди дека Пајазити, како учесник во сообраќајот, не се придржувал до прописите, со што го загрозил јавниот сообраќај. Сестрата на прегазената Теодора низ солзи праша колку вреди човечкиот живот.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.