Героски за „бомбите“ кои ги спомна Палчо: Коцевски да ги викне на распит Заев и Верушевски и да отвори нова истрага
Во врска со постот на Зоран Буревесник Божиновски под наслов „Државата ги уби Вања и Панче“, би сакал јавно да го соопштам следново: Иако говорам со поинаков речник од оној на Божиновски, можам да потврдам дека голем дел од тоа што го кажува тој во врска со т.н. „бомби“””, односно нелегално снимени разговори, а посебно во врска со „трговијата“ со тие материјали меѓу двајцата Зорановци (Верушевски и Заев) и Љупчо Палевски е – точно!, пишува уредникот Бранко Героски во објавата „Вистината за бомбите“, откако на вчерашното рочиште првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски – Палчо рече дека поседува хард диск во кој има преку 200 илјади телефонски разговори, „гнасотии на оваа политичка елита“.
Текстот ви го пренесуваме во целост:
За дел од кажаното од страна на Зоран Божиновски не тврдам дека не е точно, само јас тоа не можам да го потврдам повикувајќи се на мојот единствен извор, од кого своевремено бев лично известен и за постоењето на “бомбите” и за нивниот извор.
Кога во една прилика, преку анонимен профил на Јутјуб, Палевски објави две илегално пресретнати мои комуникации (еден мејл со кабинетот на Црвенковски и еден разговор со Фрчкоски – двете комуникации со ирелевантна содржина), бев повикан во тогашното СЈО да дадам исказ. Поводот за тој повик беше што јас јавно објавив дека знам од каде потекнуваат тие нелегално снимени материјали.
Мојот разговор во СЈО на оваа тема не траеше долго. Таму, кажав дека станува збор за материјали што ги лиферува Палевски. Запрашан од каде му се материјалите на Палевски, одговорив: “Од Зоран Заев”. Збунетите истражители ме прашаа од каде го знам тоа, а јас им одговорив: “Зоран Заев ми кажа. Слободно повикајте го, пред мене и тој ќе ви потврди”. Откако на присутните им паднаа вилиците, некој кажа: “Па што е, всушност, важно од кај му се бомбите?”
По оваа реплика, јас си го собрав лаптопот, станав и си заминав, бидејќи сфатив дека тие од СЈО или не смееја или не сакаа да ја дознаат вистината.
Не знам дали нешто од тој разговор е евидентирано, дали е направен записник (мене не ми беше понудено да потпишам такво нешто) и дали воопшто има писмен доказ за тој мој исказ. Но, не е ни важно. Јас и сега сум спремен и секогаш ќе бидам спремен да ја кажам вистината.
Сè што знам за т.н. бомби, знам од прва рака – од Зоран Заев. Знам и некои работи кои Божиновски не ги кажува.
На пример, знам за тоа како еден новинар беше ангажиран да истражи како може тие бомби да се “објават” на интернет преку лажни профили на Јутјуб (кутриот Заев, изгледа не знаеше дека тој новинар нема поим од такви работи, дека е неписмен, дека ги замајува со некакви свои врски во Хрватска и слично). Ништо од сето тоа јас на Заев не му го кажав тогаш, само му реков една важна работа – јас лично не можам да објавувам никакви нелегално снимени материјали, но затоа можам да известувам од прес конференции на партијата, на кои тие “бомби” би биле објавени. Така и бидна, Заев ги објавуваше тие материјали на прес конференции, а медиумите легално и легитимно известуваа.
Инаку, јас и тогаш немав, како што и сега немам дилема дека психопатот Љупчо Палевски, како штитеник на удбашките структури во МВР, Верушевци и Зоран Заев меѓу себе тргуваа со “бомбите”. Тие беа оформиле една група, која јас ја разбирам како злосторничко здружение, која тој нелегален и токсичен материјал го злоупотребуваше за политички пресметки, за рекетирање, за компромитирање луѓе и за многу други зла. Секој во таа група си имал свои интереси и свои “математики”, но тие сепак, на некој начин, заеднички располагаа со тој материјал.
Тоа што сега Палевски мафта со тоа дека има во посед не знам колку илјади “бомби”, јас го разбирам само како допрен глас до Јавниот обвинител Љупчо Коцевски веднаш да покрене нова истрага за тоа злосторничко здружение, во кое, покрај наведените лица, имаше и други. Не знам дали евентуално настапила застареност за извршените злодела, но ако не настапила, Јавниот обвинител би требало итно да ги повика на распит Палевски, Заев и Верушевски, за да утврди како се манипулирало со стотици илјади нелегално снимени разговори, од кои голем број беа објавувани на социјалните платформи и мрежи од лажни профили.
За процесот против Палевски и другите не сакам многу да зборувам, за тоа да не се разбере како влијание врз Судот. Јас сум убеден дека ниту еден од луѓето чии искази ги слушнавме во судницата не беа целосно искрени и не ја кажаа целосната вистина. И убеден сум дека психопатот Палевски имал силна логистичка поддршка од структурите во МВР и во тајната полиција, чиј протеже е, за да успее да ги прикрие трагите кои го поврзуваат со настанот како главен актер на злосторството. И секако, да избега од земјата.
Но, за тоа нека расправа Судот.
А за “бомбите”, таа е вистината што ја кажав. Немам ни мотив, а ни обичај да лажам. Со тие нелегално снимени разговори (само еден дел емитувани), во името на една акција што беше наречена “Вистината за Македонија”, се изврши преземање на власта без добиени избори и потоа се повредија многу луѓе. Многу од тие зла се направија од лични интереси, заради рекет и притисоци, а некои и од чиста злоба.
За сето тоа некој мора да одговара!
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.