Вардар загуби од Црвена Звезда во меч во кој фудбалот беше во втор план
Екипите на Вардар и Црвена Звезда одиграа пријателски хуманитарен натпревар во Скопје во чест на погодените од трагедијата во Кочани, а заврши со резултат 1-3 со три гола кои паднаа во првото полувреме. Дуелот се играше пред околу 25.000 гледачи, а имаше емотивни моменти посветени на Кочани – кореографија на Комити и прослава на Михаил Маневски на единствениот гол на „црвено-црните“.
На натпреварот во Скопје, Вардар истрча на терен со најсилен тим. Единствен потег на Седлоски кој беше несекојдневен за разлика од претходно беше вклучувањето на Филип Гачевски во првиот тим, кој го имаше првиот настап сезонава. Дуелот почна мирно, со доста додавања на средината на теренот, а поактивна беше Црвена Звезда. Течеше 15. минута, кога судијата кој тргна од стартот, тоа е Јосип Бартон, се „одјави“ од судењето и на негово место влезе Игор Стојчевски.
Единствената зрела шанса на мечот ја имаше Црвена Звезда, кога Дуарте биеше со глава, но Гачевски одбрани со парада. И во 28. минута, Вардар го изведе најдобриот потег, по кој дојде до водство. Михаил Маневски изби по левата страна и доби топка, па силно биеше со левата нога во левата страна од голот на Глазер. Следеше емотивна прослава, солзи и голот беше посветен на трагично починатиот Андреј Лазаров.
По голот, Седлоски направи измена, од голот го повлече Филип Гачевски, го стави младиот Гоце Јовчев, кој немаше среќа и веднаш прими гол. По една одлична тимска акција и две проигрувања, топката заврши до Лука Илиќ кој реализира за 1-1. Темпото на игра потоа се префрли на половината на Вардар и Црвена Звезда продолжи да притиска. Тоа донесе втор гол, кога одбраната беше фатена на спиење и Сеол го проигра Катаи, кој донесе 1-2 за гостите непосредно пред паузата.
Во второто полувреме немаше многу возбудувања, првото беше дури во 67. минута кога нововлезениот Филип Најдоски биеше со глава над голот на Црвена Звезда. Не се форсираше сила, па дуелот заврши со победа на црвено-белите од Белград, со трет гол кој беше постигнат пред самиот финиш на мечот.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.