Бугарска фондација ја тужи Партијата на Македонците во Албанија бидејќи кажале дека потплаќале Албански функционери
Во Основниот суд во Корча вчера се одржа второто рочиште по тужбата поднесена од фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија, против единствената партија на Македонците во Албанија – Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Адвокатите на фондацијата „Бугарска меморија“ во своето излагање пред судот тврдеа дека МАЕИ со официјален допис до албанскиот државен врв и меѓународните институции побарала забрана на активностите на оваа фондација, при што, според нив, ја наклеветила дека „корумпира албански функционери со цел асимилација на Македонците” како и дека учествува во создавање „криминална група поврзана со бизнисот со бугарски пасоши, издавање лажни потврди и влијание врз пописот на населението во Албанија”.
Фондацијата бара од МАЕИ оштета во висина од 10.000 евра и јавно извинување, тврдејќи дека е добротворна организација која преку донации помага, без никакви асимилаторски цели.
Претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, пред судот посочи дека фондацијата, иако се претставува како добротворна, всушност е „инструмент на бугарската држава за асимилација на македонското малцинство во Албанија”.
Тој нагласи дека сите активности на фондацијата во земјата се реализираат во „тесна координација со бугарската влада, Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарската амбасада во Тирана”.
На прашањето на судијката Гентијана Шуколари дали постои можност за спогодба меѓу странките, адвокатите на фондацијата изразија начелна подготвеност за спогодба, под услов МАЕИ јавно да се извини и да прекине со јавните обвинувања.
На ова, Стерјовски остро одговори дека „ние сме Македонци и никогаш нема да прифатиме дека сме Бугари“, додавајќи дека преку оваа тужба се врши притисок да се замолчи единствениот политички субјект што се бори за правата и идентитетот на Македонците во Албанија.
Рочиштето продолжи во напната атмосфера, со изразени емоции и повисоки тонови, по што судијката Шуколари го закажа следното рочиште за 26 мај.
На рочиштето присуствуваше и претставник од бугарската амбасада во Тирана
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.