Обвинение за „Адитив“ против 31 физичко лице и пет правни – Ковачевски се терети за несовесно работење
Поднесен е обвинителен акт против 31 физичко и пет правни лица за случајот „Адитив“. Првообвинет за несовесно работење е поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство. Обвинети за неколку кривични дела се и неговиот наследник Васко Стефанов, како и екс директорите на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.
Тие во период од април во 2023 година до август во 2024 година, создале група со цел вршење на кривични дела. Според обвинението, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј. На фирмата „Браинкоде“ која го добила тендерот ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист од 6,4 милиони евра.
„На начин опишан во диспозитивот на обвинителниот акт, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие Договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, за потребите на РЕК Битола и на РЕК Осломеј и притоа да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400,00 денари“, информираат од ОЈО ГОКК.
Дел од обвинетите примале пари, ги пуштале во оптек, извршувале пренос на средствата и подигнувале готовина во вкупен износ 6,7 милиони евра.
„Понатаму, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно, дел од обвинетите припадници на злосторничкото здружение и дел од останатите обвинети примале пари, ги пуштале во оптек, извршувале пренос на паричните средства и подигнувале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари“, додаваат од ОЈО ГОКК.
Меѓу обвинетите е и велешанката Маја Јорданова, чија всушност фирма „Браинкоде“ ги доби тендерите за набавка на адитиви од Италија. Екс директорот Данчо Стојановски ѝ е роднина на Јорданова. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција со посебен предлог ќе бара конфискација на парични средства и недвижен имот во сопственост на обвинетите и на трети лица.
Инаку министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски по отворањето на истрагата за случајот изјави дека набавените адитиви во ТЕЦ „Осломеј“ воопшто и не биле ставени во функција, а во РЕК Битола само 5 отсто.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.