Канал 5: Има ли судир на интереси кај член на Судски Совет Чачарова Илиевска за пресуда за Телеком?
Антикорупциската комисија треба да утврди дали има судир на интереси во предмет отворен по иницијатива на судијката од скопска Апелација, Наташа Савовска Димитровска за членот на Судскиот совет, Тања Чачарова Илиевска, јавува Канал 5 ТВ.
Чачарова Илиевска според документите кои „свиркачи“ ги доставиле до редакцијата на Канал 5, стои како подносител на барањето за утврдување одговорност на тројката апелациски судии кои ја донесоа пресудата против Македонски Телеком, со што најголемиот македонски оператор треба да плати оштета од 2 милиони евра плус камaти на штипската фирма „Фокус нет“.
Савовска Димитровска која е дел од Судечкиот совет преку својот адвокат барала изземање на Чачарова Илиевска со образложение дека од 2018 до крајот на 2021 била претставник на Владата како акционер во Собранието на Македонски Телеком АД Скопје.
Во истиот документ кој е дел од записникот стои дека Илиевска навела дека тоа било невистинит факт, дека како советник во канцеларијата на претседателот на Влада била до крајот на ноември 2020, а до изборот за член на Судскиот совет во декември 2021 обавувала адвокатска дејност.
Но меѓу документите кои Владата ги доставила до антикорупциска е и нацрт записник од владина седница во 2018 со кој Чачарова Илиевска била овластена како полномошник на Владата како акционер во Македонски Телеком АД Скопје. Дел од документацијата е и одлука од Собранието на Македонски Телеком со која таа претседавала.
Одговор до ДКСК доставиле и од Судскиот совет во кој навеле дека Тања Чарова Илиевска учествувала на расправа во орган или тело на советот во кое се одлучувало за работи поврзани со Македонски Телеком.
Канал 5 ТВ побара став преку Апелациониот суд Скопје и од судијката Наташа Савовска Димитровска, од каде не добиле одговор, но и од Тања Чачарова Илиевска која не одговорила на телефонските повици и пораките.
Антикорупционерите, според информациите на телевизијата, на една од следните седници треба да донесат одлука за случајот, односно дали членот на Судскиот совет Чачарова Илиевска ги прекршила одредбите од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.