Во ЈО нов скандал, увид во „мобингот“ на Хајрулахи врши стручна соработничка која го пријавила
На скандалите во скопското Вишо јавно обвинителство им нема крај. Откако пет вработени жени од Обвинителството, кон крајот на јули лани, го пријавиле тогашниот шеф на ВЈО Скопје Мустафа Хајрулахи за наводен мобинг, по неколку месеци молк и божемна истрага, штипската обвинителка Татјана Кацарова вчера дошла во Скопје, за да изврши увид во записниците на ВЈО, пишува Плусинфо.мк.
Но, како што сведочат вработени од обвинителството на сега суспендираниот Хајрулахи, Кацарова била придружувана од една од пријавителките, сега стручна соработничка во Основното јавно обвинителство Скопје. Тоа само по себе ја компромитира истрагата, бидејќи пријавителката е засегната страна во случајот. Кацарова, кај која е распределен предметот за Хајрулахи, не смеела да дозволи пријавителката да ѝ биде „водич“ во ВЈО, каде што сега воопшто не е вработена.
Да биде работата уште посомнителна, за пријавителката, која се однесувала на начин што може да се разбере само како недозволено влијание врз истрагата, се зборува дека е многу блиска пријателка на една друга обвинителка од ВЈО, која потекнува од поранешното Специјално јавно обвинителство.
Како што е познато, вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски се најдоа на удар на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски поради тоа што одбиле да го затворат предметот „Бонусите на СЈО“. Тие инсистираат и натаму да се истражува незаконската поделба на милионски бонуси во поранешното СЈО на Катица Јанева, објави Плусинфо.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.