Објавен е огласот за закуп на „Македонско село“, од 1 јуни комплексот почнува со работа

Продолжуваме со одговорно управување со државниот имот. Денеска во печатените медиуми објавен е огласот за избор на концесионер за комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, со цел комплексот повторно да почне да работи и се врати на туристичката и културната мапа на Македонија, велат од Службата за општи и заеднички работи.

Комплексот се состои од 12 автентични куќи, со простории каде се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторантски дел. Огласот е поделен на четири дела, односно постои можност различни концесионери да се пријават за закуп на поединечни сегменти на комплексот или за комплексот во целина.

Почетната цена за закупнина на целиот комплекс изнесува 240.000 денари, а почетната цена на концесијата на поединечните делови е 44.529 денари, 49.868 денари, 54.839 денари и 91.575 денари. На законски и транспарентен начин ќе биде одлучено кој во иднина ќе стопанисува со „Македонско село“.

Изборот ќе се изврши по пат на електронско јавно наддавање, преку системот кој управува и оперира Министерството за финансии – Управа за имотно правни работи.

Закупецот/закупците ќе имаат обврска да ги преземат сите потребни активности за оспособување на Комплексот за почеток со работа од 1.06.2025 година.

Комплексот „Македонско село“ не функционира шест години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби. Во меѓувреме, СОЗР редовно ги подмируваше трошоците за осигурување и обезбедување и практично досегашните финансиски загуби достигнаа сума од околу 350.000 евра.

– Веруваме дека со избор на нов концесионер, ќе придонесеме за развој на туризмот, ќе ја стимулираме локалната економија и ќе создадеме нови можности за вработување. Со обновата на комплексот „Македонско село“, ќе се создадат и услови за посети од туристи и домашни гости, што ќе ја зајакне туристичката инфраструктура и понуда во регионот, а истовремено ќе придонесеме и за презентирање на традиционалните македонски занаети, културното наследство и автентичната архитектура, додаваат надлежните.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.