Обвинителството ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА АРТАН ГРУБИ И ЕНВЕР БЕЏЕТИ, ќе се соработува со САД
На брифинг во Јавното обвинителство, денеска соопштија дека е отворен предмет против Артан Груби и против судијата Енвер Беџети, откако беа ставени на црната листа на САД.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски истакна дека уште вчера е оформен предмет против двајцата.
„Уште вчера оформив предмет да се обидеме да обезбедиме докази да ја провериме кривичната одговорност на лицата кои се доведуваат за поткуп и трговија со влијанија. Обвинителстово ќе достави наредби за понатаму. Сакам да нагласам дека соработката со САД и амбасатада е одлична и тие ни помагаат во борбата со корупцијата“, рече Коцевски.
Стејт департментот на Соединетите Американски Држави соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.
Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот.
Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.
Амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, порача дека „политичкото мешање во судството не може и нема да се толерира“.
Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучуваат во значителна корупција која ги поткопува демократските институции. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок, истакна амбасадорката Агелер.
Агелер вчера на прес конференција порача дека дел од граѓаните гледаат со неверување на одлуката на Стејт департментот за проширувањето на црната листа со Артан Груби и Енвер Беџети. Вели дека ги видела критиките кон САД во однос на тоа „зошто го правите ова, кога нема судски процеси и постапување во земјава“.
-Тоа е затоа што ние овде немаме припадници на полиција или претставници на судската власт. Задолжени се според законот во САД да ги санкционираме лицата за кои имаме индиции за криминал и корупција. Што ќе се случува понатаму е до законодавството и судството во земјава. Но, можам да кажам дека ако ние можевме да најдеме докази, можат и македонските институции, истакна Агелер на прес-конференција во американската амбасада.
Таа додаде дека се надева дека со оваа акција ќе стане јасно дека САД можат и ќе ги употребат сите средства што им стојат на располагање за да ги изнесат на одговорност сите лица кои извршиле криминални дејствија и ја поткопале стабилноста и демократските вредности на Македонија.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.