(Видео) Најмалку 151 лице загина во авионската несреќа во Јужна Кореа
Најмалку 151 лице загина кога авион слета без тркала, се излизга од пистата и се запали откако удри во ѕид на меѓународниот аеродром Муан во Јужна Кореја, соопштија противпожарните служби.
Летот на „Jeju Air“ што доаѓал од главниот град на Тајланд, Бангкок со 181 патник и членови на екипажот, се обидел да слета денеска околу девет часот наутро по локално време на аеродромот на југот на земјата.
На снимките од несреќата се гледа двомоторниот „Боинг 737-800“ како се лизга по пистата без опрема за слетување, удира во ѕид и експлодира во огромна огнена топка.
Двајца членови на екипажот, маж и жена, се спасени од запалената опашка на авионот, изјави на прес-конференција шефот на противпожарната служба Ли Јунг-Хјун.
„Само опашката е до некаде недопрена, остатокот од авионот е непрепознатлив. Повеќе не се работи за спасувачка операција, туку за потрага по тела кои испаднале од авионот“,рече тој.
Повикувајќи се на информации од противпожарните служби, новинската агенција Јонхап објави дека повеќето од 175 патници и шест членови на екипажот се верува дека загинале.
Тоа е најтешката несреќа во која учествувала јужнокорејска авиокомпанија од 1997 година, кога се урна авион на „Korean Air“ во Гуам, при што загинаа повеќе од 200 луѓе, покажуваат податоците на Министерството за транспорт.
Инспекторите разгледуваат повеќе можности како причина за несреќата меѓу кои удар од птици и лоши временски услови. Агенцијата Јонхап ги цитира аеродромските власти кои рекоа дека удар од птица го оневозможил спуштањето на тркалата.
Меѓу патниците имало и двајца Тајланѓани, а останатите се верува дека се Јужнокорејци, соопшти ресорното министерство.
Авионот „Боинг 737-800“ на „Jeju Air“ е произведен во 2009 година. Компанијата, основана во 2005 година, е нискобуџетна авиокомпанија со меѓународни летови до Јапонија, Тајланд и Филипините, како и неколку домашни дестинации.
Директорот на компанијата се извини за несреќата и длабоко им се поклони на жртвите на прес-конференцијата. Тој рече дека авионот бил во работна состојба, а претставници на аеродромот во Бангкок изјавија дека не е забележан дефект пред летот.
Производителот Боинг рече дека е во контакт со „Jeju Air“ и дека ќе помогне во истрагата.
Сите домашни и меѓународни летови на аеродромот во Муан се откажани.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.