„ЛАЖНО СИЛЕЊЕ е наводната подготвеност на Филипче за предвремени избори, нема раководство, УШТЕ ПОСЛАБ РЕЈТИНГ“

Софија Куновска поранешен висок функционер од СДСМ смета дека никому не му се прифатливи предвремени парламентарни избори и оценува дека оваа тема се користи само за дневно-политички мачо-маневар, во смисла на тоа кој е кукавица, а кој е храбар.

-СДСМ нема комплетирано раководство со месеци, анкетите укажуваат на уште послаб рејтинг од последните избори, идентитетски партијата е разобличена. Евентуални парламентарни избори заедно со локалните ќе го докрајчат и тоа малку што е останато од СДСМ. Затоа, наводната подготвеност на Венко Филипче за предвремени парламентарни избори е лажно силење од немајкаде и е дел од опозицискиот фолклор кој е наменет за јакнење на перцепцијата дека СДСМ се консолидира, што всушност нема допирна точка со реалноста, тврди Куновска за „Локално“.

Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ, смета Куновска, иако има старт далеку под очекувањата на јавноста, нема од кого да биде загрозен.

-Се чувствуваат комотно со мнозинство кое постојано има тенденција да се зголемува заради политичкиот нокдаун во кој се наоѓаат коалициите на ДУИ и СДСМ и делумно заради клиентелизмот во политиката. Христијан Мицкоски нема никаков интерес да оди на предвремени заедно со локалните избори, бидејќи таков потег само ќе го поистовети со природата на Груевски и ќе му штети на рејтингот кај меѓународниот фактор, наведува поранешната пратеничка.

Оттука, нејзините проценки се поблиски до тоа дека предвремени парламентарни избори се можни една година после локалните избори, доколку се остварат проекциите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оствари голема победа.