Експлозија во Ќерамидница, повреден е Раде Штекли

Едно лице е повредено откако утрово во 9:20 часот во двор од куќа во скопската населба Ќерамидница била фрлена експлозивна направа, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Повреденото лице било пренесено во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.

Според информации на медиуми, станува збор за Раде Трајковски – Штекли.

Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вели дека во изминатите неколку години институционално биле засилени одредени криминални групи во Скопе и другите градови. Според него, се прегледувало низ прсти и им било овозможувано да работат спротивно на законот.

Тошковски на платформа во Владата, одговарајќи на новинарски прашања потврди дека бомбата била фрлена во дворот на Раде Трајковски-Штекли.

-Случајот настанал во 9:20 часот. Информациите кои ги добив се дека лицето не е во животозагрозувачка состојба и дека се постапува од страна на службите во МВР. Тоа можам да го кажам во моментов, кажа министерот.

-Ќе следат и други постапки. Покажавме дека јасно и одлучно ќе се бориме против криминалот. Добро е што немаме животозагрозувачка состојба на никого во моментов. Лошо е што криминалните банди си хараат и денес, но соодветно и сурово ќе одговориме кои што го попречуваат мирот на македонските граѓани. Убиства имало и ќе има, фрлање бомби имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите ќе одговарат на ваквите бандити и криминалци. Мислам дека за краткиот временски период покажавме дека имаме капацитет да одговориме. Отвораме војна против ваквите криминалци, потенцира Тошковски.