Филипче ја викнал Бисера Антоанета на состанок за трошоците, повикува ОЈО да отвори постапка во врска со изјавата на Мицкоски за Коридорот 8

Основното јавно обвинителство да отвори постапка во врска со изјавата на Мицкоски за Коридорот 8, а случајот со поранешна министерка за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска да го расчистат институциите, рече денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Одговарајќи на новинарски прашања по партискиот собир за зголемување на платите на наставниците, Филипче најави дека денеска ќе има средба со Костадиновска – Стојчевска по повод обвинувањата што ги изнесе ВМРО-ДПМНЕ, дека за време на службено патување трошела буџетски средства за лични потреби.

За денеска закажав состанок со поранешната министерка за култура. Инсистирам тој случај да го расчистат институциите и доколку има каква било одговорност, секој што направил некаква неправилност, да сноси одговорност за таа работа. Сакам да го осудам тоа што Владата ги користи сите инструменти на партиски ПР да се справува со ова прашање, подвлече Филипче.

 

Во врска со Коридорот 8, Филипче е дециден дека тоа што го изнесе Мицкоски е сериозно поради што мора да биде отворена постапка.

Коридорот 8 е извор на многу дисонантни тонови во Владата. Премиерот излегува со една изјава, министерот за транспорт со друга, министерката за финансии во однос на средствата вели „може – не може“ да се пренаменат. Но, тоа што премиерот го изјави на прес-конеференција е многу сериозно. Зачудува што тој изјавува, а ниту една друга институција за тоа нема информација, нема информација ОЈО, нема информација ДКСК. Инстистираме ОЈО да отвори постапка, а премиерот да ги каже сите информации, зашто ако тоа не се случи, тој е на некој начин соучесник во тоа. Го осудувам тој пристап на самокористење на говорницата и ПР пораки за некакви сериозни работи. Овие работи се навистина сериозни. Станува дополнително збор за проект во кој заем дава ЕУ. Значи, и тие институции не мониторираат апропо ова прашање. Така што, треба Обвинителството да отвори постапка и да се расчисти тоа до крај, потенцира Филипче.

На прашањето дали и во претходната влада имало некакви сомнежи и пријави за корупција во врска со овој случај, лидерот на СДСМ одговори дека апсолутно нема таква информација.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.