Радев за неистакнувањето на македонското знаме: Посетата на Силјановска не беше ниту официјална, ниту работна

Бугарскиот претседател Румен Радев во прв коментар по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова која предизвика реакции поради изоставувањето на македонското знаме на нивната заедичка фотографија во петокот во Софија, нагласува дека нејзината посета не била ниту официјална, ниту работна.

Како што пренесува бугарската информативна агенција „Фокус“, Радев порачал дека со претседателот на Република Македонија имале многу искрен и конструктивен разговор во пријателска атмосфера.

– Очекувам оваа искажана желба за отвореност да ја преземе Владата на РСМ, но нека биде јасно дека ова не беше ниту државна, ниту работна посета. Се надевам дека во блиска иднина претседателот на Република Македонија ќе оствари државна посета, која со сите официјални средби согласно протоколот ќе придонесе и за натамошен развој на нашите односи. Ако го следиме протоколот, на ред е јас да одам таму, изјавил претседателот Радев.

Инаку, на тет а тет сребата и на ручекот ги имаше знамињата од двете страни.

Мицкоски денеска порача дека македонската делегација за непоставувањето на државното знаме не реагирала веднаш во знак на почит на двајцата пилоти, кои истиот ден го загубија животот во авионска несреќа.

Имаше реакција од Кабинетот на претседателката и таму стоеше многу јасно зошто тој ден не е реагирано. Во интерес на почитта кон загубените трагични животи на пилотите што загинаа во Бугарија, не сакавме да создаваме тензија. Но добро е што и денеска се реагира, на овој начин. Порано не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи и се молчеше. Тогаш тоа беше убаво и европска вредност, а сега кога реагираме, зошто реагираме, рече Мицкоски.