Православните христијани во земјава денеска го слават Рождество на Пресвета Богородица

Православните христијани во земјава денеска го слават Рождество на Пресвета Богородица, празник познат како Мала Богородица. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат литургии.

Во предвечерието на великиот празник, синоќа во Скопје беше донесена икона на Пресвета Богородица -„Троеручица“ од светогорскиот манастир Хиландар. По свечениот пречек на иконата пред храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, беше отслужена Вечерна богослужба, по што се изврши литија со иконата низ центарот на Скопје.

Утрово, пак, ќе биде отслужена света архијерејска литургија, на која ќе началствува неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на архијереи и свештенослужители на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.

Рождеството на Пресвета Богородица е еден од најзначајните празници во Светата православна црква. Пресвета Богородица, Марија, била родена од Јоаким и Ана, кои пребивале во Назарет. Тие биле изразито скромни и побожни, и активно помагале на сиромашните и болните. По многу години без деца, ја добиле својата ќерка по пет децении брак. Македонскиот народ, како и сите христијани, со голема почит ја празнува и чествува Пресвета Богородица, мајката на Спасителот, Исус Христос.

Многу цркви се именувани по неа, и постојат бројни преданија за чудотворни икони на Мајката Божја. Овој празник е широко празнуван меѓу народот со различни обичаи, особено оние поврзани со раѓањето. Верувањето е дека Пресвета Богородица е покровителка на сите мајки и на породилки, затоа жените кои раѓаат ја повикуваат за помош при породувањето. Се смета дека таа помага и на жените кои не можат да имаат деца. Според календарот на МПЦ-ОА, денес се чествуваат и иконите на Пресвета Богородица од Калишта и Почајевска. На 22 септември, денот по Мала Богородица, црквата го одбележува споменот на нејзините родители, Јоаким и Ана.

Житие (МПЦ-ОА): Рождество на Пресвета Богородица Пресвета Дева Марија се роди од своите стари родители, Јоаким и Ана. Татко и беше од племето Давидово, а мајка и од родот Аронов. Таа по татко беше од царски, а по мајка од архиерејски род и со тоа го предобразуваше Оној Којшто од Неа ќе се роди, како Цар и Првосвештеник.

Нејзините родители беа веќе остарени, а немаа деца. И затоа беа посрамени пред луѓето и скрушени пред Бога. И во својата скрушеност Му се молеа на Бога со плач, да ги израдува во нивната старост и да им подари едно чедо, како што некогаш ги израдува старецот Авраам и старицата Сара подарувајќи им го синот Исак. И семноќниот Бог Којшто гледа се ги израдува со радост што ги надминуваше сите нивни очекувања и најубави соништа.

Бидејќи им подари не само ќерка туку и Божја Мајка; ги озари не само со привремена радост туку и со вечна. Бог им даде само една ќерка, којашто подоцна им роди само еден внук – но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, прославена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот леб, кивот на светоста Божја, дрво со најсладок плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, источник на девственоста и чистотата – тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а после три години одведена во храмот ерусалимски, од каде што се врати подоцна пак во Назарет, за наскоро да ја чуе благовеста на Светиот архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното пречисто и девствено тело.