Мицкоски од Брисел: Критериум за членство во ЕУ да бидат постигнувањата, повеќе не прифаќаме ултиматуми
Интеграцијата во Европската Унија треба да биде процес во кој одлучувачки фактор ќе бидат постигнувањата, а не билатералните прашања, бидејќи ние повеќе не можеме да прифаќаме ултиматуми и за нас е неприфатлив принципот „тие се таму, а вие сте надвор“.
Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски од Брисел, каде вчера присуствуваше во работна посета, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани. Мицкоски заедно со лидерите на останатите пет земји од Западниот Балкан присуствуваше на работен ручек што го организираше претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, а имаше средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.
Мицкоски нагласи дека на овие средби се разговарало за европската перспектива на регионот и на нашата држава, при што потенцирал дека ние остануваме фокусирани да предлагаме решенија за предизвиците.
Премиерот посочи дека речиси две и пол децении откако го започна патот кон членство во ЕУ, земјава е жртва на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес и сега наместо да зборуваме за зачленување во Европската Унија, ние „се бориме да започнеме преговори во кои ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите“.
– Поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век, ние не можеме да се развиваме како држава за 21-от век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе. Така што уште еднаш потенцирав дека ние повеќе не можеме да прифаќаме ултиматуми и принципот тие се таму, а вие сте надвор и ако сакате да бидете таму, треба тоа да го прифатите… простете, но ние не можеме да го прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин, нагласи Мицкоски.
Тој потенцира дека бевме понижени многу пати иако во името на европските вредности и желбата да бидеме дел од европското семејство, променивме знаме, банкноти, неколку пати менувавме Устав и сменивме име, за на крај да се соочиме со ултиматум.
– Тоа не се тие европски вредности во кои што мојата генерација се вљуби. Јас сум подготвен да разговарам со секого, додека не најдеме вистински пат, кој што овој пат нема да биде понижувачки. Да ни дозволат да ги јакнеме институциите и да ги збогатиме нашите капацитети како држава, тоа е она што го барам. Дали е многу? Јас мислам дека не е многу, изјави Мицкоски.
Премиерот порача и дека регионот и државата се уморни од ставањето на страна и од пречки кои се билатерални, а не се дел од објективните критериуми за пристапување во Унијата, па затоа мора да се направат поголеми напори за внесување на доверба и кредибилност на целиот пристапен процес.