Честитки од Мицкоски и Сиљановска Давкова по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица
Претседателот на владата, Христијан Мицкоски, упати честитка по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.
Дозволете во мое име да го честитам празникот Успение на Пресвета Богородица, со кој се прославува мајката Божја која е олицетворение на мајчинска љубов, добрина, посветеност и грижа за обесправените, оние кои страдаат и на кои им е потребна добрина и веруваат во Бога.
Навистина е големо нејзиното дело и со право овој ден и празник наоѓа голема поддршка од верниот народ и се прославува со смирение, угодност и почит.
Воедно денес e денот на рударите кој им го честитам од срце, посакувам среќа, Бог да ги чува низ сите предизвици и во овие моменти дозволете да испратам благодарност за нивната храбра и пожртвувана работа. Тие се значаен дел од изградбата на нашата татковина, од напорите да ги стабилизираме состојбите и да ја извадиме државата кон правиот пат.
Мојата заложба е да покажеме нормалност на состојбите и за прв пат после многу години со дела да демонстрираме дека државата прави и создава за своите граѓани и дека Македонија е повторно на народот.
Само заедно, обединети и со голема енергија на промените можеме да го постигнеме тоа. Нека е за многу години празникот Успение на Пресвета Богородица, се вели во честитката на премиерот Мицкоски.
Исто и Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до г.г.Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и до сите верници од православна вероисповед.
– Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод и на целото свештенство и монаштво, како и на сите верници од православна вероисповед, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.Најискрено Ви посакувам празникот да го поминете, пред сè, во добро здравје, во мир и спокој, исполнети со неизмерна радост и среќа, се вели во честитката.
Празнувањето на Успението на Пресвета Богородица, се посочува во честитката од Сиљановска Давкова, значи славење и почитување на традициите и на семејните вредности, и затоа со добри мисли и со љубов да им помагаме и да им даруваме на ближните.
– Сите граѓани на Македонија, без разлика на родова, верска или етничка припадност се дел од едно семејство и затоа сложно и солидарно да го градиме нашиот заеднички дом, базирајќи го соживотот на меѓусебна почит, разбирање и добрина, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.