Наставниците во март следната година ќе добијат 12 отсто покачување на плата, учебници ќе има за сите предмети, освен за странски јазик, нема да има пролетен распуст за учениците

Согласно тоа како се движи бруто-домашниот производ (БДП) и согласно колективниот договор, наставниците во март идната година ќе добијат околу 12 проценти покачување на платата, изјави денеска министерката за образование Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарски прашања за време на увидот на спортска сала во Булачани, Јаневска рече дека имала две конструктивни средби со СОНК, како и со група наставници.

-Со СОНК остварив две средби. Можам да кажам дека имавме конструктивни средби и големо разбирање, но не само со СОНК, туку и поединечно со групи на наставници. Јас ги замолив и пред изборите и по изборите да имаат малку трпение. Знам што значи плата, и знам што значи да се живее од плата, но вие го знаете долгот на Министерството, го знаете долгот на државата така што за оваа година ние навистина немаме можности да преземеме некаква сериозна активност во тој правец, а јас како министер не можам да дозволам на моите наставници да им се покачи платата за 200-300 денари. Простете што велам мои, но јас сум одговорна за нив и тие се мои. Но, направени се сериозни разговори во Владата и со министерката за финансии и тие во март следната година ќе добијат според тоа како се движи БДП и според колективниот договор покачување од 10-12 проценти. Мислам дека тоа ќе биде 12 проценти покачување на платата, рече Јаневска.

Министерката Јаневска минатиот месец изјави дека ќе направат максимални напори платите на наставниците постепено да растат, изразувајќи уверување дека до крајот на мандатот ќе се потпише и нов колективен договор за основно и за средно образование.

Министерската за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека од прво во деветто одделение за престојната училишна година учебници ќе има за сите одделенија, освен за странските јазици. Додаде дека во моментов се печатат стотици илјади учебници, дел од нив се дистрибуирани, а за дел ќе почне диструбицијата, откако ќе излезат во печат и нагласи оти од следната година ќе има и учебници за странски јазик.

– Учебници ќе има за сите одделенија. Нагласувам како и многу години наназад, за жал, не по моја вина, затоа што постапката е сѐ уште во одредени процедури, нема да има учебници за странски јазици. Но, учебници за странски јазици ќе има догодина и нема да има печатен, значи хартиен материјал за јазиците на заедниците, кои ќе бидат објавени на веб-страницата на Бирото за образование, а бидејќи станува збор за јазик, наставниците користејќи ги тие материјали, ќе можат да им предаваат на учениците. Јазикот е жив, знаете децата почнуваат да го учат и од сериите. Поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на страниот за нив јазик – именки, заменки и така натаму, сметам дека тоа нема да биде никаков проблем, а следната година ќе го имаме и тоа, додаде Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање за време на увидот во активностите за изградба на спортска сала во рамки на основното училиште „Наум Охридски“ во село Булачани.

Таа потврди дека учебниците за седмо одделение ќе се печатат по стара програма.

– Да, за седмо се печатат по стара програма затоа што ние новите програми ги ставивме на јавна расправа. На јавна расправа и за седмо и за осмо одделение. Поради големото незадоволство од сите чинители во образованието, ги ставивме на јавна расправа за да можеме да ги усвоиме забелешките, кои ги имаат генерално наставниците, но и родителите, за да ја направиме програмата поприфатлива за учениците, па и за наставниците оти тие се оние кои ги поучуваат учениците, појасни министерката.

Кога ќе заврши јавната распава, додаде таа, Бирото за развој на образование ќе пристапи на подготовка на коригираната нова програма.

– Коригираната програма од концепцијата, така како што ветивме, со тоа што најзначајниот дел ќе биде одделување на предметите за кои имаше и бурна дискусија и експлицитно барање дека треба да бидат одвоени и тоа ќе биде направено, рече таа.

Прашана за учебниците за средно стручно образование министерката изјави дека целата едиција за прва година е во печат и сите одобрени учебници за втора година.

– Значи, процесот не бил завршен за втора, трета и четврта, но, ние ќе го интензивираме и како ќе бидат одобрувани учебниците, така преку цела година ќе влегуваат во печат. Нема потреба ние да чекаме, затоа што имаме рамковна спогодба со печатницата, доколку заврши таа можеме веднаш да објавиме нов тендер и да почнеме со подготовка за учебниците за следната година, додаде Јаневска.

–Нема да има пролетен распуст. Финалните анкети на родителите покажаа дека тие не сакаат, но и на повозрасните ученици, исто така, така што оваа година, пролетен распуст нема да има, изјави Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во активностите за изградба на спортска сала во рамки на основното училиште „Наум Охридски“ во с. Булачани.

-Ние како власт рековме дека ќе бидеме транспарентни и еве тоа го спроведуваме и им овозможуваме, според нивните потреби, да го спроведуваме образовниот процес. Ако тие сметаат дека ниту на децата, ниту на родителите, им одговара таков пролетен распуст, децата губеле континуитет, родителите нема каде да ги остават помалите дечиња, не им се поклопува со одредени празници за да можат заеднички да ги искористат, сметаат дека е повеќе компликација отколку поволност и во тој правец, ние одлучивме оваа година да се одвива учебната година од 2 септември до 10 јуни за сите, освен матурантите, појасни министерката.

Претходната власт донесе одлука основците и средношколците да користат пролетен распуст од 29 април до 6 мај, при што учебната година за основците заврши на 17 јуни. 

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.