Мицкоски – Пленковиќ: Имаше многу неправди кон Македонија, созреа времето кога сето тоа треба да се респектира
Хрватска останува подготвена да и помогне на Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија.
-Во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Северна Македонија и созреа времето кога сето тоа треба да се респектира – изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски кој е во прва официјална посета на Хрватска.
На прес-конференцијата одржана по тет-а-тет средбата во владината зграда во Загреб, Пленковиќ рече дека Хрватска ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на земјава кон Европската унија.
-Темата која го оптеретува европскиот пат на Северна Македонија по наше мислење е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет. Мислам дека толку остапки се направени од македонска страна што ретко кој народ и држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската унија – изјави Пленковиќ, додавајќи дека треба заеднички да се работи на тоа преговорите за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ да започнат што поскоро.
Премиерот Мицкоски рече дека неправдата што ни е е нанесена во изминатите две и пол децении е голема и дека имаме направено отстапки како никој друг тргнувајќи од привремената рефренција на името на државата, преку менувањето на знамето и банкнотите, до промената на името на државата со Преспанскиот договор.
– Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Тоа што не зависи од нас е токму почетокот на преговори. Тоа за жал зависи и од други. Ние направивме доволно сега треба некој да ни ја поотвори врата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме – истакна Мицкоски.
На прес-коинференцијата тој рече дека ние се уште сме во еден вртлог во којшто нема извесен крај, иако желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на Европската Унија е голема.
– Но, се надевам дека како нова влада, со реформите коишто планираме да ги направиме најпрвин на домашен план, а потоа и во соработка со нашите пријатели, хрватската Влада, но и останатите пријатели коишто доаѓаат од земјите членки на Европската Унија, конечно таа неправда после повеќе од или би рекол скоро две и пол децении од денеска ќе биде исправена и македонските граѓани ќе можат да бидат заедно со европските граѓани како дел од големото европско семејство – рече Мицкоски.
Изрази убедување дека вредностите коишто пред многу децении Шуман, Аденауер и Де Гаспери ги имаат дефинирано како европски вредности, европските граѓани и политичари ќе ги споделуваат во иднина и дека „нема да бидеме жртви на билатерални спорови во нашиот пат кон целосна интеграција во рамките на Европската Унија“.
Двајцата премиери разговараа и за унапредување на билатерланата соработка на сите нивоа особено на економски план со оглед на тоа што постојат можности за унапредување иако трговската размена сега на годишно ниво е 300 милиони долари.
За време на првата билатерална посета на премиерот Христијан Мицкоски на Хрватска, денеска во Загреб беа потпишани билатерални договори помеѓу министерствата за образование и наука и Министерството за здравје со кои што, како што беше истакнато на прес-конференцијата, значително ќе се подобрат односите на двете земји.
-Сакам да се заблагодарам на мојот драг пријател премиерот на хрватската Влада, господинот Андреј Пленковиќ, за гостопримството, за убавиот разговор, за прекрасната атмосфера којашто ја имаме овде во Загреб. И убеден сум дека братските односи помеѓу македонските и хрватските граѓани и во иднина ќе бидат на едно исклучително високо ниво, а ние како две влади ќе продолжиме да работиме за зголемување на соработката помеѓу граѓаните на двете држави – рече Мицкоски.
Во тек е средбата на премиерот Мицкоски со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, а попладне, според агендата, премиерот ќе ја посети црквата „Св. Злата Мегленска“ каде ќе оствари средба со претставници на македонската дијаспора.