Инспекторот што беше фатен со шверцувани монети во Косово, бил незаконски вработен во МВР
Македонскиот полицаец фатен во Косово за шверц на лажни евро монети, не само што го „украл “ занаетот за фалсификување на пари од тие што требало да ги гони, туку и станал инспектор во МВР без безбедносен сертификат, дознава Радио слободна Европа. Од МВР велат дека Внатрешна контрола отворила предмет за неговото вработување.
Полицискиот инспектор од Ресен не ги поминал основните безбедносни проверки на Агенцијата за национална безбедност.
34 годишниот ресенчанец е во притвор во Косово поради сомневање дека изработил околу 2 милиони лажни монети од по 2 евра, кои требало да бидат пуштени во оптек во косовската економија. Македонскиот полицаец работел како инспектор без при тоа да поседува безбедносен сертификат.
Според законот за полиција, полициски службеник може да биде само оној за кој со безбедносна проверка е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на лицето.
Според професорот од областа на безбедносни науки, Стефан Буџаковски, кривично треба да одговара тој што потпишал согласност за напредување во полициски службеник – инспектор без да има безбедносен сертификат.
По приведување на македонскиот инспектор на 4 август во Косово, косовското и македонското обвинителство продолжија со потрагата по неговите соучесници. Во оваа меѓународна истрага се вклучени Европол и Европравда.
„Истрагите сега ќе бараат да се утврди целосниот обем на фалсификување монети,“ беше наведено во соопштението на Еуроправда.
Според Буџаковски, осомничениот полициски инспектор не можел да делува сам, затоа што самата природа на кривично дело фалсификување на монети вклучува и одредена организирана група во активностите што создава сомнеж дека зад него можеби стоеле повисоки полициски а можеби и политички службеници.
Фалсификуваните пари се правеле на две преси во подрум во Скопје. Полицијата заплени и две торби со монети, една со веќе произведени фалсификувани монети, и една со „бланко“ парички кои чекале да бидат ставени на преса. Фалсификаторите користеле шест различни метални печати за изработка на фалсификуваните монети.
Според објавените фотографии, фалсификаторот користел пет различни мотиви за националната страна на лажните парички, со што лажно прикажувал дека парите наводно доаѓаат од Франција, Италија, Хрватска, Финска и Португалија. Последниот метален шаблон бил со печат од заедничката страна на паричката, каде што е означена вредноста од 2 евра.