Во престрелка со полицијата во Гајре загина бегалец баран со потерница, пукал додека се обидувале да го уапсат

Во престрелка со полицијата во тетовското село Гајре затрелан е човек осомничен во истрага за убиство што бил баран со потерница, објави ТВ Телма.

Според првичните информации, при обидот полицијата да го уапси, тој пукал и е ранет во престрелката, а починал на пат кон болница.

Се работи за лице за кое е распишана потерница по убиството на 5 јули кога во Тетово на улица „Штипска“ беше убиен 40-годишен маж. Полицијата се сомневала дека зад убиството стои бегалецот кој синоќа беше застрелан кај Гајре.

Според извештајот на полицијата, на 5 јули годинава во СВР Тетово е пријавено дека на улица „Штипска“ едно лице, кое било со возило „мерцедес“, пукало кон возило „БМВ“ во кое било лице со иницијали Р.Т. кое од добиените повреди починало.

Повеќе медиуми што известуваат на албански јазик тогаш објавија дека станува збор за продолжение на стара пресметка меѓу две групи и дека убиството е поврзано со пукањето во тетовската болница пред неколку месеци кога исто така имаше настрадани.