Целта на Владата е да работи за граѓаните, започна реконструкција на спортската сала „Партизан“, а пуштен е во употреба и Булеварот до ГП Богородица

Во продолжение Ви испраќаме интегрален текст од денешното обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски за време на посетата на Општина Гевгелија:

„Добар ден. Често сум овде во Гевгелија. Често разговараме со градоначалникот, со пратеничката која што доаѓа од Општина Гевгелија, со луѓето кои што не поддржуваат, со гевгеличани, за тоа што се потребите на гевгеличани и што е она кое што го прави Општина Гевгелија за да ги задоволи тие потреби на гевгеличани.

Денеска имав можност да бидам дел на пуштањето на еден таков стратешки капитален проект, како што е новиот Булевар кон Граничниот премин Богородица и она кое што е многу значајно што кога почнуваше таа капитална инвестиција да се реализира ние бевме заедно со градоначалникот, пратеничката, со луѓето кои што не поддржуваат, а денеска сме тука со истите луѓе, плус министерот за локална самоуправа, луѓето кои што цело време се наша поддршка, наша инспирација за да работиме во интерес на граѓаните.

Целта на оваа Влада е да работи за граѓанитe, во случајот да работи за гевгеличани. Спомена градоначалникот за овој проект позади мене, нешто кое што претставува за самите гевгеличани една убава емоција. После толку години истиот почнува да се реконструира и навистина и оваа капитална инвестиција ќе додаде вредност во животите на гевгеличани. Но, не само тоа очекувам во август да почне и реализацијата на оној проект кој што цело време зборуваме, а тоа е реалоцирање на средствата од централниот буџет кон општините, со специјална намена за проекти, капитални инвестиции. За овие последни 4 месеци од годината Општина Гевгелија ќе добие соодветен буџет, веќе разговаравме со градоначалникот што ќе биде приоритет и каде тие пари ќе бидат искористени. Мислам дека ќе биде едно пријатно изненадување на гевгеличани. Истовремено од она кое што успеав да го добијам како информација од градоначалникот дека за следната година 2025 имаме доволен број на проекти за исто така финансиските средства кои што ќе бидат реалоцирани од централниот буџет да бидат истите и финансирани.

Уште еднаш да посакам реализација на многу вакви капитални проекти. Тоа е она кое што е политика на оваа влада, тоа е она кое што ќе биде политика на Владата и министрите. Граѓаните го направија своето, сега е редно време и ние да им вратиме на граѓаните за тоа кое што го направија.

Македонија се сака со дела. Така ќе продолжиме да функционираме“.