ПРВО РЕВИЗИЈА, ПА ПОТОА РЕКОНСТРУКЦИЈА: Љутков најави дека не потпишува ништо за Универзална
Новиот министер за кулутра и туризам, Зоран Љутков веднаш штом ја преземал функцијата побарал ревизија на целата постапка за преземањето на Универзалната сала од Министерството.
Тој потенцираше дека од тоа што го видел целата постапка е многу проблематична и најави дека додека не заврши ревизијата нема да дозволи никаква активност во реконструкцијата на Универзална.
– Испративме допис до Државниот завод за ревизија да ја испита целата постапка од самиот почеток досега и ќе донесеме заклучоци по нивниот извештај“, рече Љутков одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на локалитетот Тумба Маџари.
Универзална сала се запали на 9 април, само еден месец откако по пауза од две години продолжија градежните работи за реконструкција. Веднаш по пожарот, од градежната фирма „Универзал-Балкан“ рекоа дека најверојатно се запалил стар кабел или некоја стара инсталација.
Министерот додаде дека уште не се знае ниту што ќе биде со проектот Скопје- Европска престолнина на културата во 2028.
– Сè уште не сме започнале со тој процес, се прават консултации и до септември ќе ги имаме официјалните информации како ќе продолжи тој процес. И тој процес е закочен како што се закочени сите процеси последниве неколку години – кажа Љутков.