Николоски: МВР и ОЈО ќе истражуваат зошто МЖ и Пошта се презадолжени, плата ќе има
Проблемот со платите на вработените во Македонска Пошта и во Македонски Железници – Инфраструтура и Македонски Железници – транспорт ќе биде надминат, за што веќе се работи на план за реструктуирање на постојните долгови и на постигнување нивна профитабилност, вели вицепремиерот за економски прашања и министер за транспорт Александар Николоски.
Се работи вкупно за 4400 вработени од кои дел се во Македонска Пошта, а дел се во Македонска Железница – Инфаструктура и Македонска Железница – Транспорт. Значи зборуваме за три претпријатија. Од овие три претпријатија две се АД, тоа се Македонска Пошта и Македонски Железници – транспорт, а за акционерските друштва финансирањето не оди од буџет туку од приходите кои што ги остваруваат и тука работиме на целосен план за реструктуирање на двете друштва кој што треба да им овозможи профитабилност од една страна, а од друга страна тоа што го правиме во моментов е реструктуирање на постојните долгови кои што ги имаат со цел да вработените земаат редовно плата, рече Николоски на новинарско прашање дали со ребалансот на државниот буџет ќе се обезбедат пари за Железници со оглед дека тоа претпријатие е во загуба веќе подолг период.
За МЖ – Инфраструктура Николовски вели дека има можност да се интервенира од буџетот и тоа ќе се направи со оглед дека станува збор за претпријатие во држава сопственост.
Во однос на Македонски железници – инфраструктура што е јавно претпријатие во државна сопственост, тука веќе можеме и ќе помогнеме од буџетот со цел да се стабилизира, да имаме една стабилна ситуација до крајот на годината и веќе од следната година да зборуваме за развој. Затоа што нема поента да го стабилизираме и нема поента, сега да ја видиме и од другата страна од работата, сега да луѓето земаат плата, а да нема продуктивност. Значи мора да најдеме баланс каде што луѓето дома ќе носат плата и мора да е така, затоа што на крајот на денот сите имаат семејства и треба да живеат, но од друга страна мора да има и продуктивност како тоа би се оправдало. Јас сум убеден, ова е најтешката битка со која се соочувам затоа што проблемите само биле туркани под тепих, појаснува Николоски.
Тој укажа и на задолженоста на Македонска Пошта и на МЖ – транспорт, која според него е недозволива и треба да се истражи од надлежните органи – МВР и Обвинителството.
Ќе кажам дека Македонска Пошта во моментов има отворен кредит кон една банка, не ја кажувам затоа што има таков договор потпишано, кој што кредит, според мене, е лихварски и тоа моите претходници само го оставале. Јас седнувам со раководството на Пошта да го тоа репреговараме затоа што не може да е така и недозволиво е да е така затоа што на тој начин се уништува претпријатието. Исто така, МЖ – транспорт има позајмици од МЕПСО, кои што според мене, се недозволиви како се направени и тоа исто така го оптеретува претпријатието. Зошто е тоа правено во минатото ќе си открие Обвинителството. Јас повикав врз основа на ревизорските извештаи кои што ги достави ДЗР до мене, да си влезе Полицијата и Обвинителството и ова да го истражат, но моја цел е во следниот период вработените таму да имаат стабилна плата, секој месец, а додека тоа се случува паралено да работиме на развој за веќе следната година да ги немаме овие главоболки и да не треба да зборуваме дали ќе земат плата или нема да земат плата, рече министерот Николоски пред обраќањето на трибината: “Развој како услов за опстанок на македонското градежништво”, во организација на Градежниот факултет.