Мицкоски им порача на Радев и Мицотакис: Oвде помина времето на политичари со свиткан р’бет
Ние сме малоброен и мирољубив народ подготвен да гради добрососедски односи со секого“, но дека „соработката ја гледаме како двонасочна, а не како еднонасочна улица“ им поача македонскиот премиер Христијан Мицкоски на бугарскиот претседател Румен Радев и на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, и им препорача да се навикнат на новата политика овде, која ги штити интересите на македонските граѓани.
Изјавата е реакција на зборовите на Радев за медиуми по средбата со Мицотакис во Атина дека „раководството на Република Cеверна Македонија не е подготвено“ и „на властите во Скопје им недостига познавање по уставно право“.
„Поминаа времињата кога ќе има кај нас, во македонската Влада, политичари со свиткана кичма, политичари кои се себепонижуваат, политичари кои се подготвени се да потпишат само не да го заштитат интересот на македонските граѓани, а од друга страна, додека тоа го прават, мавтаат со македонското знаме и паралелно со тоа ја ограбуваат државата и граѓаните.
Мора да се навикнат на политичари коишто се тука да ги штитат интересите на граѓаните, да работат за доброто на татковината, за иднината и подготвени сме со секого да градиме добрососедски односи.
Мојата порака и до едниот и до другиот, сепак тие се поискусни од мене, подолго време се на своите позиции, едниот е претседател на држава, другиот е премиер, ние сме мирољубив, малоброен народ, еден од најмалобројните на Балканот, подготвени сме со секого да соработуваме и соработката ја гледаме како двонасочна улица.
Не може да биде еднонасочна, и со 8 мај завршија времињата кога ја гледаа соработката со македонските политичари како еднонасочна улица, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Како штo пренесува МИА, Мицкоски ги повика Радев и Мицотакис да соработуваат за економски развој на државите и зближување на народите, а во однос на коментарот за неразбирање политика, смета дека добрососедска политика не се гради „со омаловажување и со навреди“.
„Јас сум навикнат на омаловажување и навреди, целиот мој живот е така проследен, но некако па секогаш на крајот победувам. Ќе видиме како ќе биде во овој случај.
Јас сакам ние како балкански држави да ги следиме примерите на друг тип држави, како што се балтичките, скандинавските, па сите заедно со изградени мостови, сложно, здружно, да настапуваме на трети пазари, пред официјалните лица во Европската Унија, насекаде во светот.
Да градиме една добрососедска политика. Со омаловажување и со навреди, таа работа не бива.
Ако тие одлучиле така да тераат, јас мислев дека таквото однесување сме го оставиле во средниот век, мислев дека сега, во 21 век, треба да зборуваме како заеднички да ја развиваме нашата заедничка економија, образование, туризам, луѓето да ги вмрежуваме, да ги зближуваме.
Јас сум подготвен за тоа да зборувам и мислам дека моите соговорници од таа страна треба да ги преиспитаат тие свои изјави и начин на однесување, но јас не сум тој – кој сум јас да им солам ним памет што да прават тие, рече Мицкоски при денешната посетаа на Гевгелија.