Бајден го пречека Мицкоски, премиерот порача: За државните интереси, за јакнење на демократијата и подобар живот на нашите граѓани

Претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден го пречека премиерот Христијан Мицкоски во рамки на Самитот на НАТО кој се одржува во Вашингтон и на кој се одбележува 75 годишнина од основањето на најмоќниот воено-политички сојуз.

Бајден, заедно со генералниот секретар Јенс Столтенберг го поздравија секој шеф на држава и влада, вклучително и Мицкоски, кој беше првиот кој се поздрави со домаќините, при пристигнувањето на Самитот што треба да заврши утре.

Мицкоски споделувајќи фотографии со Бајден и Столтенберг напиша:

„На официјалниот почеток на НАТО самитот во Вашингтон. За државните интереси, за јакнење на демократијата и подобар живот на нашите граѓани“.

Откако Бајден ги пречека лидерите на земјите-сојузници во НАТО, следеше заедничката фотографија, таканаречена семејна фотографија.

Подоцна во текот на денот, Бајден и првата дама Џил Бајден ќе организираат вечера за лидерите и нивните сопружници.

Мицкоски пред работниот дел од Самитот, порача дека Македонија промовира мир, стабилност и просперитет. Како македонска влада, вели, ќе бидат рамо до рамо со сојузниците, дека ќе го промовираат меѓународното право и ќе подадат рака за зачувување на вредностите кои ги поврзуваат земјите членки на НАТО.

„За нас претставува посебна чест и задоволство да се биде во друштво на овие луѓе, заедно со нив да го одбележиме овој јубилеј – 75 години од постоењето на НАТО алијансата, најголемата одбранбена алијанса во светската историја. Како држава, подготвени сме да го додадеме својот придонес на сето она што претставува вредност. Тука сме заедно со нашите сојузници да ја потврдиме нашата посветеност, како и досега така и во иднина, дека ќе го промовираме мирот, стабилноста и вледеењето на меѓународното право. Како малуброен народ, сакаме да потврдиме дека она кое што е за нас важно, е да во деновите кои што овде ќе разговараме за важните прашања, е ги донесеме најзначајните одлуки кои што ќе ја моделираат иднината на човештвото во наредните декади. И ние ќе го дадеме својот придонес, Македонија како држава има намера да продолжи на тој начин да функционира и да ги промовира вредностите. Како македонска влада, сакаме да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани“, кажа Мицкоски.