Мицкоски: Новата влада ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“, а во првите сто дена ќе објави и инвестиција во енергетиката
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски изјави дека автопатот кон Охрид треба да биде завршен до крајот на 2026 година, а за договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – да се раскине или да се репреговара.
Одговарајќи на новинарски прашања пред затворењето на Самитот Македонија 2025, Мицкоски најави дека во првите сто дена новата влада ќе објави гринфилд инвестиција во енергетиката, вредна 400 – 500 милиони евра. Како што кажа Мицкоски, се работи за приватен капитал, за голем играч со исклучително големи европски финансиски институции во акционерската структура. Обртот на компанијата би била околу 80 – 100 милиони евра по основа на продадена електрична енергија и истргувани зелени сертификати, а договорот со неа е завршен.
Според Мицкоски, ќе се произведува околу еден терават час електрична енергија што е една третина од производството на РЕК Битола.
За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции. Едната е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е да се оптимизира договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот. Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одерена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Мојата порака е дека како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме, истакна Мицкоски.
На прашањето дали Унгарија е земјата со која нашата држава ќе повлече заем до една милијарда евра, Мицкоски одговори дека се работи за европска држава, која граѓаните многу наскоро ќе ја дознаат.
Заемот до една милијарда евра под исклучително поволни услови, кој би се повлекол со друга држава, на ниво влада со влада, за финансирање на лошите договори на актуелната влада, државите кои ги спомнуваа не се тие“ Се работи за европска држава, која граѓаните многу наскоро ќе ја дознаат, напомена Мицкоски.
Во врска со осигурувањето на автомобилите, Мицкоски го повтори ставот дека не е добро државата да ги диктира пазарните услови.
Пристапот каде државата ќе ги диктира пазарните услови по мене не е добар. Ценам дека владата треба да овозможи амбинет во кој бизнисот ќе се чувствува комотно да води бизнис, а политичарите да водат политика. Треба да ги видиме сите детали. Информациите со кои располагаме и кои доаѓаат од институциите се дека се случува буквално грабеж во Македонија. Повеќе од 85 отсто од буџетскиот дефицит планиран за цела година веќе е потрошен. Мислат дека на тој начин ќе ја отежнат работата на новата влада, но како многу пати досега, се преигруваат, рече Мицкоски.