Разрешен директор, болничар призна дека барал да се смени урина со наркотици за чиста, хаосот продолжува на Клиниката за токсикологија

Директорот на Клиниката за токсикологија Нико Беќаровски на денешната прес-конференција, којашто ја држеше заедно со останатите лекари на Клиниката, рече дека главен проблем со којшто во моментов се соочува клиниката е доекипирањето на лабораторијата, поради што пациентите трпат. Лекарите алармираа за хаосот што се случува на Клиниката, особено, како што велат, откако била назначена економската директорка.

Секој кој малку разбира токсикологија, знае дека токсиколошка клиника без токсиколошка лабораторија не може да функционира. Во моментов таму функционира само еден лаборант, а за минимум да работи оваа лабораторија, потребни се барем двајца дипломирани биолози и уште еден техничар со средна медицинска спрема – појасни тој.

Истакна дека Клиниката веќе неколку години е на маргините, во рок за шест години се сменети пет директори, додавајќи дека од 12 февруари, клиниката има нова организациона директорка, дипломиран економист, со која се соочувале со отпор и несоработка.

Во неколку наврати, додаде, било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, за да може да се функционира.

Од директорката се инсистира да бидат примени сите 18, кои претходно беа примени со договор на дело, а на кои им истече договорот. Ставот на лекарскиот колегиум, е, дека немаме потреба од толкав број нови примања – рече тој.

Дополнително, медицинскиот директор Данил Петровски одбива да ги потпише вработувањата бидејќи е предизборен период.

На новинарско прашање, тој одговори дека меѓу 18-те лица за кои директорката Бесија Иљази бара да се вработат со договор на дело, имало и болничар кој пред неполн месец вршел притисок кај лаборантот да замени урина во која имало наркотици, со чиста урина.

Беќаровски подвлече дека немаат комуникација со директорката, бидејќи, како што рече, таа не го знаела македонскиот јазик.