Османи криел документ дека 25 членки на ЕУ дозволиле влез со стар македонски пасош
Допис од италијанското МВР открива дека 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името Република Македонија до крајот на септември 2024 година, објави пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски на својот Фејсбук профил..
“Ова е допис од 23.02.2024 од МВР на Италија до нивната гранична полиција во кој е наведено дека, по препорака на Европската Комисија, 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името Република Македонија до крајот на септември 2024 година.
Оваа одлука не ја прифатиле само две земји членки, и тоа Грција (со официјален допис доставен до Комисијата) и Франција (неофицијален известување до ЕК)„ објавува Милошоски.
„МВР на Италија во дописот напоменува дека одлуката е донесена заради заштита на правото на слободата на движењето, а за периодот после крајот на септември граничната полиција дополнително ќе добие инструкции како да постапува.
Во истиот овој период многу некоректна беше постапката на министерот Османи кој ја криеше оваа информација за одлуката на 25 членки на ЕУ, која и тогаш и денес е многу важна за слободното движење на стотици илјади македонски државјани кои престојуваат во ЕУ. Врв на оваа негрижа кон македонските државјани беше тоа што на 6ти февруари амбасадорот Весел Мемеди (Рим) направи скандал со доставување на официјална дипломатска нота до италијанските власти во која патните исправи на кои пишува „Република Македонија“ ги прогласи за неважечки.
За жал, изгледа дека 25 држави членки на ЕУ имаат поголемо разбирање за слободата на движењето на македонските државјани со важечки пасоши “Република Македонија”, отколку што за тоа се грижат амбасадорот Мемеди и министерот Османи, кои се платени за да ги штитат интересите на македонските државјани“, објави тој на Фејсбук.