Обвинителството оформи предмет за израелскиот ПИ-АР гуру Асаф Еисин

Израелскиот пиар стратег Асаф Еисин и неговата вклученост во кампањата на Стево Пендаровски и СДСМ под лупа на обвинителите задолжени за изборни нерегуларности.

Од ОЈО за Алфа потврдуваат дека Комисијата на обвинителството за изборни нерегуларности оформила предмет и го доставила до надлежен обвинител, на понатамошно постапување.

 

До овој момент, Комисијата… има оформено еден предмет врз основа на наводи изнесени од една политичка партија кои се однесуваат на сомненија околу финансирање на изборна кампања на друга партија. Предметот е испратен на постапување на надлежно основно јавно обвинителство, велат од Јавното обвинителство.

Додека комисијата во обвинителство се ангажирала, ама ќе чека обвинител да пресече дали ќе има предистрага или не, Финансиската полиција засега не презема ништо.

Првиот човек на финансиска, Горан Иванов, брифира дека никој не доставил кај нив пријава ниту било каков документ, а ќе постапуваат само ако први се охрабрат другите институции.

 

По допрен глас треба да си постапат другите институции вклучително и Обвинителството. До Управата за финансиска полиција не е доставена никаква пријава ниту било каков документ во врска со случајот. Доколку некој достави, Управата ќе постапи и тогаш ќе имаме повеќе информации за случајот за којшто ме прашувате, вели Горан Иванов, директор на Финансиска полиција.

Додека Финансиска чека, Антикорупциска е во длабок молк. Новоизбраната претседателка Татјана Димитровска не одговара на телефонски повици, ниту на пораки за да одговори дали е во тек со скандалот за израелскиот пиар експерт Асаф Еисин кој според обвинувањата на опозицијата полнел џебови од тендери на РЕК Битола.

Имено, на вчерашниот митинг на ВМРО ДПМНЕ, лидерот Христијан Мицкоски обвини дека Израелецот нашол нова тезга кај СДСМ, откако посочи прво нему му понудил пиар услуги и фалсификување на документи, при што како што вели го избркал од неговата канцеларија.

По избивањето на скандалот од кабинетот на Пендаровски се правдаа дека тој се среќавал со Израелецот, но не бил негов консултант, туку на СДСМ. Од друга страна, Ковачевски негира дека партијата има консултант од Израел.

Извор: ТВ Алфа