Мицкоски: Додека Стево се прави Мајка Тереза, му стигна одговор од американската Фридом хаус која го потсети дека е дел од корумпираниот систем

Фридом хаус со шамар за ДУИ и СДСМ и лицето кое збор не кажа и нема храброст да зуцне против нив, затоа што очекува поддршка од нив за претседателската трка, туристот Стево. Додека Стево се прави Мајка Тереза му стигна одговор од американската Фридом хаус. И го потсетија дека е дел од корумпиран систем, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кичево.

Мицкоски додаде дека Пендаровски е лице и опачина од една иста горчлива приказна.

И така некако Пендаровски цел свој мандат ќе остане запаметен како човек без свое јас. Ќе ве потсетам освен тоа што ги аминуваше сите штетни договори на двоецот ДУИ – СДСМ по кои две работи ќе остане Стево запаметен. Првата работа, дека Гоце Делчев бил Бугарин и втората, дека ако не бил претседател и тој ќе се иселел од Македонија ајде да му помогнеме на 24 април да почне со пакување на куферите, а потоа на 8 мај слободно нека се сели – му порача Мицкоски на Пендаровски.

Мицкоски укажа дека актуелниот претседател Пендаровски во суштина е кукавица иако, како што рече, се пенави.

Го слушам Стево пред некој ден во град на границата со нашиот источен сосед се пенави, излегува храбро, а во суштина е кукавица пред тие малкумина кои се уште му аплаудираат. Им вели се сеќавате во 2019 што ви кажав дека ќе победиме, и така им вели, и сега ако не победиме првиот круг очи не сакам да ви видам. Тоа е Стево полтронот, измеќарот на Али Ахмети и останатите. Зарем тој човек ја заслужува народната волја – праша Мицкоски.

Мицкоски посочи дека имајќи го предвид ова треба да се гласа за Силјановска Давкова, затоа што на Македонија и треба претседател, а не измеќар.

Затоа потребно е масовно да се излезе и да се гласа за професорката Гордана Силјановска Давкова која е решението за претседател на Македонија. Жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија. Која има свој став, и таа до крај се бори за него, затоа што верува во него. Гордана Силјановска Давкова покажа лојалност кон своите принципи и е еден од најдобрите експерти и познавачи на уставното право и политичкиот систем, работи кои овие години најмногу ги газеше оваа власт. На Македонија и треба претседател а не измеќар на ДУИ – кажа Мицкоски.