Распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, најавува ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт

Мора да ги распуштиме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, рече денеска на партиската дебата посветена на изборната програма „Платформа 1198“ на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, актуелен дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација.

Според него, за да се постигне еднаквост на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред институциите потребна е длабока реформа во правосудниот систем и реформа во државната администрација но не, како што вели тој, таква каква што се правела изминативе седум години туку со имплементација на препораките од Венецијанската комисија и Европската комисија.

„Правосудниот систем ќе ја претрпи својата реформа, не со политички екскурзии коишто се случуваа во последниве седум години во коишто на шест месеци се менуваше Стратегијата за реформи, туку по највисоките препораки на Венецијанската комисија и на препораките на Европската комисија којашто прати свои претставници тука.

Но, за да направиме реформа, потребно е да ја ревидираме постојната состојба и затоа во програмата тргнуваме од идејата дека ние мора да го распуштиме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители“, рече Андоновски.