Почина Мирко Попов

На 51 година почина познатиот автор и продуцент на електронска музика Мирко Попов, објави ТРН, портал со кој музичарот имаше соработка.

Тој пред неколку дена беше хоспитализиран на Клиниката за реанимација и интензивно лекување по обилно мозочно крварење, а според информациите починал попладнево на Клиниката за неврохирургија. За жал, обидите на лекарите да го реанимираат биле неуспешни.

Попов е македонски диџеј и продуцент на електронска музика, кој со оваа професија се занимаваше уште од осумдесеттите години. Тој е основоположник на PMG Production, а има одиграно и во неколку театарски претстави и филмови.

Првиот професионален диџеј ангажман го добил во 1992 година и оттогаш не престанува со настапи. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио Канал 103, што е еден од клучните моменти во неговиот равој како личност и музичар. Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица може да направи чуда за човек. Од 2008 до 2010 година бил и главен и одговорен урeдник на Канал 103.

Во 1993 година е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. Канал 103 бил главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација, решена да расчисти со културната и сеопштата заостанатост во земјата. Во тој правец се движи и формирањето на Прогресивната Мултимедијална Група (ПМГ Колектив) во 1995 година од Мирко Попов и Александар Малевски, како манифест на акцијата која треба да го победи незадоволството од актуелната состојба. ПМГ во следните години прераснува во водечка авангардна сила на скопските улици, одговорна за широк спектар акции, од нарко-еуфории до музички револуции. Журките на ПМГ од 1990-те биле суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, имал можност редовно да настапува низ регионот, но и на некои привлечни европски клупски одредишта.

Во 1998 година ја формирал ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. ПМГ Рекордингс денеска е водечка независна дискографска куќа во земјата, со седумдесет изданија. Последните години на минатиот век ги донеле и првите (хаус,техно и електро) продукции, за во 2003 сето тоа да прерасне во бендот ПМГ Колектив (еклектична комбинација на жив и електорнски пристап во слободен стил) каде е автор на музика, текстови и вокалист. Бендот за кратко време прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век и веќе има издадено четири албуми и отсвирено повеќе македонски и европски турнеи.

Во 2011 година, со намера да ја отслика духовната атмосфера на ПМГ подиумот за танц, ја покренал етикетата Патерн ПМГ, специјализиран за електронска денс музика.

Попов бил дел и од опскурниот и култен бенд / проект Кантон 6, со кој имал издадено повеќе EP изданија и албумот “Чил Фолк“.

Попов имал остварено повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм. Автор бил и на неколку музички дела за театар и филм. Режирал една радио драма. Попов бил уредник и на неколку емисии на скопското радио Канал 103, како и продуцент на електронска музика во склоп на ПМГ.