Помирување треба, помирување мора да се случи, но само со тие кои го заслужиле тоа
Да, ќе се сложиме дека ВМРО ДПМНЕ на овие избори убедливо ќе победи. Да, ќе се сложиме и дека ќе направи влада и дека шпекулациите на зомбите од Бихаќка дека, и покрај поразот, пак ќе направат влада со сите Албанци против ВМРО ДПМНЕ нема овојпат да помине затоа што, и во таков случај, нема да имаат 61 пратеник.
А, освен тоа, нема математика, логика и интерес противниците на ДУИ од албанскиот кампус да му клекнат на Али Ахмети и со коалиција да го остават да владее. Со време, ќе исчезнат откако тој ќе ги подели на „свои“ и “отпадници“.
Мислам дека лесно ќе се сложиме со сето ова. Но, она што мене ми е тема е: што ќе може ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски и екипата околу него, да направи после тоа. Од позиција на власт. Може многу, спремни се, овде е дилемата само за еден детал.
Можности нема многу. Или ќе успее да извади од тиња држава пред стечај, презадолжена, до даска корумпирана со уништени институции, преземена од нарко мафија и подземје кое владее со политичарите, загубена идологија и национален карактер, закана за државна самостојност и нагризени темели на државата како што се семејство, доверба, етика, персоналитет и одговорност.
Или, ако не успее, ќе биде последна влада на државата Македонија каква што ја знаеме. Да, без претерување. Ако ВМРО ДПМНЕ не успее да го оствари задачите претходно набројани следи целосна ерозија на институциите, нацијата и економскиот потенцијал на државата. Едноставно, нема да останат човечки и материјални ресурси, ниту воља и верба, да се продолжи агонијата и следи оставање на државата пред хиените кои ќе решаваат како да се дели и кому да се даде.
Нас, во таков случај, нема никој за ништо да не праша. Ви дадовме децении, имавте време и можности да создадете и организирате држава, покажавте дека немате ни памет, ни знаење ни план ни воља да ја создадете и одржите, ќе биде одговорот од хиентите. И, толку. Има примери за вакви состојби, Украина е последниот пример.
Дали во Европа постои расположение Македонија да ја снема, како држава која сега ја познаваме. Да, во некои битни елити постои и не од вчера, постои 35 години веќе.
Европскиот совет на тогаш Европската заедница, денес Европската унија, на 27 јуни 1992 година ја донесе Лисабонска декларација според која нашата држава нема да биде признаена се додека во нејзиното име биде вклучен терминот „Македонија“.
Идејата не исчезнала. Не се работи тука само за бугарските и албански планови и сојузи, туку и за поширок план кој ни се соопштува од време на време. Дали така и ќе биде, сепак, одлучуваме ние самите. На избори, а и секој ден со своите одлуки.
Прв начин да се уништи држава е создавање и штитење на масовна корупција која, потоа, разурнува институции и државен систем. Втор е етнички и/или верски тензии и трет поддршка за манипулаторите да се инволвираат и уфрлаат во секоја власт без оглед дали биле дел од претходната – да ги има и во следната, за процесот на подривање да не запре со промена на власта. Да има “шарен“ континуитет.
Е, тука е првиот тест за новата влада на ВМРО ДПМНЕ. Дали вирусот на Шарената револуција, генераторот на државниот удар и власта која уследи потоа, ќе се пренесе, преку човечки фактор, и на наредната и, со време, ќе се вдоми а потоа ќе почне со мала настинки па ќе заврши со висока температура, блокада на акциите и колапс. Вирусот се труди да преживее и, потоа, да се префрли на власта која следи. Постои се додека не изумре организмот. Дражавата. Во случајов, Македонија.
Кога зборувам за Шарената револуција, за вирусот и болест на државата, не мислам на иљадници луѓе кои протестирале од причини кои за нив биле оправдани, туку за врхушката од педесетина политичари, новинари, професори, “невладини активисти“ дебело платени со странски пари… кои беа, се, и ќе бидат носители на вирусот кој на времето зарази десетина иљади луѓе на протестите, а потоа стана составен дел од власта која ја урна државноста, институциите и националните содржини.
Шарена врхушка предводена од Заев, Шекеринска, Маричиќ, Димитров, Филипче… и бандата која со потпишување на договорот со Бугарија има кривична одговорност од уставна важност бидејќи државата ја ставила во подредена положба и сега, без нивниот договор кој никому овде не требаше, имаме условен влез во ЕУ.
Да се вратам на темата. Народот кој протестираше и беше заразен од “шарениот вирус“ се оддолжи на својата држава, и го испра гревот, со гласањето на последните локални избори на кои власта загуби и падна во тиња. Следат нови избори, и нова можност да се ослободи обичниот граѓанин од “шарениот срам“, од “шарената банда“ која излажа се што вети, која потоа ги ограби за бар три милијарди евра.
Тие се вирус кој постои со децении, и кога ќе затреба се уфрла во масата граѓани со свои големи пароли и фрази, навлекува следбеници за една а создава и испорачува сосема друга работа. Медиумите и нивниот “невладини сектор“ го одржуваат со пари кои се несфатливо големи за македонски услови, ги тови и велича за да станат јавно влијателни, ги употребува и уфрла кога треба да се заврши потребната задача.
Во првиот бран, за разбивање на македонската економска база, приватизацијата, ги промовираа во политиката ликовите како Денко Малески, Јане Миљовски, Љубомир Фрчковски, Владе Милчин… сите од фамилијата на комунизмот од кој, нели, граѓаните требаше да се откажат ама, нивните синови и внуци да останат на власт.
Се создаваа медиуми товени со државни и соросови пари кои се туркаа на врвот за да обезбедат јавна поддршка. А1 телевизијата е создадена со такви валкани пари, весникот Дневник е создаден во 1996 година со валкани пари на МВР и печатен со пари од фондацијата Сорос за, на тој начин, без комерцијални услови, да бидат форсирани над другите и да создаваат потребна јавна моќ и влијание.
Дневник, бидејќи се фиансираше со валкани пари од страна, се продаваше за 5 денари додека другите весници се продаваа за 30 денари. Само печатењето на весник беше 5 денари. Тоа предизвика непазарен упад врз и пропаст на Нова Македонија и Вечер кои мораа да плаќаат по пазарни цени. И така му тргна на Дневник во кој, потоа, сите сили ги впрегна да им се оддолжи за менторите.
Основачи на “вирусниот Дневник“ беа Бранко Геровски, Миле Јовановски и Александар Дамовски. Горди што МВР ги стартувало, Сорос им плаќал трошоци и одржавал во живот, па така го освојувале пазарот и станале славни и успешни. Потоа, со продажбата на Дневник и фирмата издавач Круг на германскиот ВАЦ за 6,5 милиони евра, станаа и прилично богати. И го ширеа “вирусот“ понатаму.
Геровски премина кај Велија Рамковски и отворија весник Време кој мене ме обвинуваше за шпијунажа за, потоа, да загубат на суд и да признаат дека текстот им е даден по нарачка. Кате Блажевска од Дневник се вдоми во истата “вирусна лабораторија“, па денес е во Призма, семејство на “невладини“ кое проверува „лажни вести“ и се јавува во Фејсбук да ве блокираат ако не сте на нивна страна.
Синот на Владо Богоевски, еден од сопствениците на Дневник, стана политичар, градоначалник на Карпош а потоа и пратеник на СДСМ. Толку за нивната етичка и новинарска “независност“ која како мантра ја повторуваат со години.
Вирусот тргна од таму. Шарените грмеа дека Груевски ја затворил А1 и го уапсил Велија Рамковски па затоа е режим кој треба да падне од власт. Година дена по државниот удар власта на Шарените ја затворија ТВ Нова и го уапсија сопственикот Сеад Кочан. Што, нели, не е режимска власт – пошто Сеад не е од нивните.
Тоа е медиумскиот дел од “вирусот“ на Шарената револуција. Дел од него се подготвува да се залепи и на новата власт. Како што се лепеше и на минатата власт кај Груевски. Не успеваа се до последните неколку години од неговото владеење кога, со посредништво на Мартин Протоѓер – кој е дојден од МПМ (Дневник), Груевски не падна пред “шарениот вирус“. И тоа Груевски скапо го плати.
Кај Груевски, “диктаторот на режимот“ редовно доаѓаа со свои цели и потреби добар дел од “шарените“ новинари, и не заминуваа без плен. Само Борјан Јовановски, после толку вложен труд, не замина во дипломатско претставништво во Брисел “за да биде поблиску до фамилијата“. Немаше време, а план имаше.
Да не спомнувам за “шарениот“ Димче Ап. Левињо, член на ВМРО ДПМНЕ од Велес кој не добил функција па станал бунџија. За да го смират ВМРО ДПМНЕ го запослиле во штипскиот универзитет. Се смирил некое време. После наишол на жена која го освоила, се развела заради него и очекувала новиот сопруг да биде “некој и нешто“ за да има смисол целата комбинација, да не се премажи за лузер и тамаќар.
Димче Ап. Левињо, оттука, решава да прави политичка кариера за да ја импресионира сопругата и се запишува кај соросоидите, проверен извор на пари и медиумска промоција. Влегува во Шарената револуција, потоа во СЈО. СДСМ преку судска одлука го поставува за претседател на Левица… Понатаму, се познато.
Денес, неговите соработници јавно тврдат дека две третини од раководството се “џанаци“, по скопски – луѓе што пушат трева, марихуана, онаа која ја произведуваат Заев и ортаците. Па и оттаму неговата врска со Заев е органска.
Јас сум сигурен дека ВМРО ДПМНЕ има капацитет да одговори на државните, политичките и економски предизвици кои ги очекуваат со новата власт. Но, еден од предизвиците е и да се одбрани од “вирусно заразените“ од Шарената револуција во новата власт. Тоа е со мал приоритет во однос на другите предизвици и затоа навлегува тивко, неприметно, но фатално, како тивка смрт. Ги гони борба за опстанок преку уфрлање во следната власт да преживеат до враќање на “нивните“.
Мора, пред сѐ, затоа што Шарените преку СЈО тргнаа да го одземат имотот, името, постоењето и опстанокот на самата партија. Куп “шарени“ новинари, интелектуалци и политичари се залагаа за тоа. Некои од нив не беа само “шетачи“ и поддржувачи на протестите, туку активни предводници кои држеа говори, повикуваа на насилства и затвори без судење. Мора, затоа што над 600 луѓе од ВМРО ДПМНЕ и нивни симпатизери поминаа силна тортура изминатите седум-осум години и загубија углед, здравје, работа, имот, фамилии, слобода… од тие “шарени“ прогонители.
Помирување треба, помирување мора да се случи, но само со тие кои го заслужиле тоа. Кои јавно признале дека згрешиле, и дека “Шарената револуција“ била измама. Без оглед дали се тоа политичари како Максим Димитриевски, интелектуалци како професорот Гордан Калаџиев… опрост и смирување и за сите други кои на избори гласале против секого кој на било кој начин е поврзан со Шарената револуција и, со тоа, ја смириле сопствената совест и чувство на измамени и злоупотребени луѓе, се раздолжиле со обврската за поддршка на својата Македонија која е пред колапс.
Следните избори се финалето на таа катарза, на тоа “внатрешно чистење“ од “шарениот вирус“ кој ја фрли Македонија во рацете на дилери, политичари-трговци, егзибиционисти и во неизвесност, страв, сиромаштија, во немилост на иднината.
Денес, македонските граѓани им должат на банките 4 милијарди евра, а државата должи седум милијарди по сите основи. Кој живее на кредит – умира на рати.
Ако има последица, секогаш мора да има и причина, и таа треба да се знае. Ако не се решила причината последицата, по правило, секогаш се повторува.
Пишува Драган П. Латас, колмна во Вечер