Сестрата на Османи, снаата на Груби, внукот на Николовски – кој сè е вработен во М-НАВ

Сестрата на министерот за надворешни работи Бујар Османи (ДУИ), снаата на вицепремиерот Артан Груби (ДУИ) и внукот на министерот за земјоделие Љупчо Николовски (СДСМ) се само дел од вработените во Македонската навијација, открива КОД по упадот во контролата на летање и „кошкањето“ на вработените.

Според премиерот Димитар Ковачевски оваа институција се претворила во семејна фирма каде се вработувале роднини и до трето колено. Во неговите зборови, меѓудругото, се пронајде и претседателот на Синдикатот на контролорите на летање Александар Тасевски, кој тогаш му порача на Ковачевски дека треба повеќе да се заинтересира за оние партиски вработувања каде кандидатите се примаат без конкурси, без квалификации, без знаење, кои ништо не работат или воопшто не доаѓаат на работа, а редовно земаат плата.

Но, вчера КОД објави дека меѓу вработените во М-НАВ има и роднини на многу функционери и политичари. Меѓу вработените се и снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ Ејуп Алими, внукот на советникот на директорот во М-НАВ Беким Незири (сега осомничен за упадот во контролата на летање), а извори на КОД тврдат дека е вработен и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.

Роднините на Николовски и на Незири се вработени како помошници контролори, а во оперативниот дел работи и сестрата на министерот Бујар Османи. Останатите роднини работат во администрацијата на М-НАВ.

Таму работи и синот на Стевчо Јакимовски.