Граѓаните ги јадат гужвите, надлежните се препукувааат

До 9 часот утрово возеа автобусите на ЈСП, по што возачите ги паркираа возилата во гаражите, а тие заминаа пред Град Скопје, каде се очекува вонредната седница на Советот, на која ќе се одлучува за нивната и судбината на претпријатието. Денеска редовно ќе сообраќаат само комбињата за превоз на лица со посебни потреби и автобусите кои вршат организиран превоз на ученици за кои ЈСП има договор со училиштата и општините.

Бојкотот на вработените веќе беше најавен пред неколку дена, па денеска секој се снаоѓа да стигне каде што треба како што може. Повеќе автомобили од обично можеа да се забележат по скопските булевари, каде од утрово почнаа нервозите.

Вработените во јавниот градски превоз на ваков чекор се одлучија вчера на состанок на Синдикатите на претпријатието бидејќи немаат земено плата за декември поради неисплатените субвенции.

На седницата закажана за 11 часот ќе се расправа и треба да се одлучи за исплата на субвенции на ЈСП за декември во износ од 11 милиони евра. Ова е четврти пат оваа одлука да се најде на седница.

Во меѓувреме, реакции со обвинувања за тоа кој е виновен за хаосот по скопските улици, кој и без овој бојкот беше влошен последните години.