Ќерката на Мира Дизел доби решение за неопределено, од први јануари почнува со дежурства без диплома за трансфузиолог, а за останатите здравствени работници има комплицирани процедури

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека наводно ќерката на Мира Дизел добила решение за вработување на неопределено од први јануари без диплома за трансфузиолог. Во соопштение до јавноста тие велат:

„Тешки и исцрпни се процедурите за вработување на здравствени работници, со обезбедување согласности од повеќе институции како Министерството за здравство, Министерство за финансии, Фонд за здравствено осигурување.

Поради системска негрижа се затвораат цели оддели по болници, сепак за децата на актуелни и претходни директори, функционери на СДС и ДУИ веднаш се наоѓа начин да се вработат.

Ова СДС и ДУИ го прават во период на драстично намален рејтинг и сè појасниот пад од власт на парламентарни избори кои претстојат.

Еден од последните вакви случаи на обезбедување на вработување по партиска линија е вработувањето на Александра Стојчевска, ќерка на поранешната пратеничка Мира Стојчевска од Делчево, позната како Мира Дизел, која што гласаше за промена на уставното име на државава.

Ќерката на пратеничката добива решение за неопределено и почнува во дежурства од први јануари иако нема диплома за трансфузиолог.

Директорот на Клиниката за урологија, пак, синот доктор со преземање го префрлува да работи на Клиниката со која тој раководи.

Вработување има и за ќерката на директорот на Клиниката за офталмологија која е вработена во ГОБ „8 Септември”. Според информациите меѓу здравствените работници, крајната цел е со преземање да се вработи на Клиниката за офталмологија.

Истите што наводно „се бореа” против партизација, сега на големи врати ја спроведуваат оваа груба партизација на институциите и нивното руинирање во поглед на стандардите за работа и резултати што очигледно се гледа со деградацијата на здравствениот систем во државата.

Владата на СДС и ДУИ го урна здравствениот систем, а со овие постапки директно ги демотивира младите кадри.

Владата на СДС и ДУИ е учесник во егзодусот на медицински кадар кој продолжува да си заминува од јавното здравство токму поради ваквите случаи на вработување сам на партиски кадри“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.