Мицкоски на средба со нашинците во соседна Србија: Да ги негуваме меѓусебните односи
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска е во Србија на средби со нашинците кои што живеат таму. Првично Мицкоски беше во посета на Лесковац каде што беше пречекан од тамошниот градоначалник како и претставници на македонската заедница. Мицкоски ќе ги посети и Македонците во околината на Панчево.
-За нас ова е значаен ден, затоа што ние како партија, ВМРО-ДПМНЕ се грижи за македонско национално обединување, практично и така се нарекува нашата партија. Ние како партија водиме грижа за сите Македонци ширум светот. Тоа се фини луѓе, домаќини, кои ги почитуваат земјите во кои што живеат, а нивната матична држава Македонија и ВМРО-ДПМНЕ како партија секогаш се грижела, се грижи и секогаш во иднина ќе се грижи, изјави Мицкоски по средбата.
Двата братски народи да продолжат да ги негуваат меѓусебните односи, порача Мицкоски.
-Задоволство ни е што овие деца можат да учат на македонски јазик, да не го заборават, да се потсетат на предците, да знат од каде потекнуват, кои се и што се, секако и да ја почитуват држават во која што живеат, а тоа е нормално е Република Србија, а да не заборават дека нивната татковина е Македонија. Голема благодарност на нашиот домаќин, на градоначалникот на Лесковац, голема благодарност до македонската заедница од Лесковец. Денеска ќе ја посетиме и Јабука во близина на Панчево, таму повторно ќе се сретнеме со Македонците кои живеат тука во Србија. Мојата порака е, двата братски народи треба да продолжат да живеат заедно, да се почитуваат и да ги негуваат односите помеѓу двете држави, Србија и Македонија, а ние како ВМРО-ДПМНЕ, како партија и како идна влада во Македонија се надеваме на братска соработка со нашата сестринска партија СНС, која е владејачка партија тука во Србија, рече Мицкоски.