Ова се добитниците на државната награда „23 Октомври“
Во Собранието на Република Македонија денеска беше доделена државната награда „23 Октомври“, за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес.
За остварување во областа на науката и образованието, наградата им беше врачена на тимот за трансплантација на црн дроб, проф. д-р Зоран Караџов, проф. д-р Светозар Антовиќ, доц. д-р Бети Тодоровска, прим. д-р Татјана Спировска и проф. д-р Маја Мојсова Мијовска и универзитетскиот професор Африм Османи.
За остварување во областа на културата и уметноста, наградата ја добија визуелниот уметник, проф. м-р Роберт Јанкулоски и писателот Блаже Миневски.
-Овој празник ги обединува генерациите кои се бореа и изборија за нашата слобода и за слободата на нашите идни поколенија. И после 130 години, 23 октомври – Денот на македонската револуционерна борба останува траен потсетник на вековните настојувања на Македонецот за сопствена држава во која секој човек без разлика на националната припадност ќе може слободно и достоинствено да ги гради и покаже своите творечки и професионални квалитети, изјави Мими Ѓоргорска Илиевска, претседателка на Одборот за доделување на државната награда. (МИА)